Српската премиерка Ана Брнабиќ порача дека САД никогаш порано немаат испратено појасна порака како таа последната, дека е неопходно Приштина да ги укине таксите на стоките од Србија и БиХ
Брнабиќ истакна дека освен преставникот на американскиот претседател, Ричард Гренел, таква порака испратиле и еврокомесарот за проширување Оливер Вархелји и шефот на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел.
Брнабиќ додаде дека Албин Курти зборувал различно додека не станал премиер и оцени дека тој сега има поинаква одговорност.
– Една е одговорноста кога сте во опозиција, а друга е одговорноста кога сте директно одговорни за односите на Приштина и САД. Ова е одлично за Србите во Косово, за Албанците кои скапо ја платија цената на таа политичка одлука, добро е за целиот регион бидејќи ќе биде повлечена одлуката да се даде националност на бисквитите и млекото. Тоа е добар сигнал за иднината – изјавиБрнабиќ изразувајќи надеж дека таксите навистина ќе бидат укинати
Осврнувајќи се на реципроцитетот што го споменува Курти за да бидат укинати таксите, Брнабиќ кажа дека не е сигурна за каков реципроцитет станува збор.
– Политиката на Владата на Србија е целосно јасна, нема тука сиви области, нејаснотии, ние бараме почитување на сите потпишани договори. Бараме почитување на договорот за ЦЕФТА, тука нема двосмисленост – порачаБрнабиќ.
Српската премеирка им порача на косовските институции дека доколку не се придржуваат до договорот за ЦЕФТА, имаат на располагање многу начини да иницираат измена на тој договор.
– Но, сè додека не се измени, тој мора да се почитува, тоа е основно во цивилизираниот свет – заклучи Брнабиќ.
Брнабиќ изјави и дека со еврокомесарот Вархелји разговарала за новата методологија за пристапните преговори и за начините како таа да се примени на Србија, бидејќи е направена за Македонија и за Албанија, и кажа дека го споделува мислење со претседателот Александар Вучиќ дека методологијата делува попрактично и прагматично.
– Особено е добро тоа ако можеме да се наградиме за имплементацијата, за реформите, за средствата за инфраструктура – кажа Брнабиќ.