Регион 16. октомври 2019. / 14:14

Брнабиќ ја откри причината зошто пристапила во партијата на Вучиќ

Брнабиќ ја откри причината зошто пристапила во партијата на Вучиќ

Српската премиерка Ана Брнабиќ изјави дека таа пристапила во Српската напредна странка (СНС) на претседателот Александар Вучиќ затоа што, како што вели, за разлика од повеќето партии чија цел е да победат на избори, СНС има за цел да ја промени Србија.

Тоа е голема разлика, затоа што јас почувствував дека сакам лично со зачленувањето да ги поддржам членовите на СНС. Не ми треба партиска функција – добив најголема поддршка од СНС уште пред да станам член, кога ми покажаа најголема чест и ме предложија да станам премиерка на Србија – рече Ана Брнабиќ за Вечерни Новости.

Taa посочи дека им е благодарна на српскиот претседател, на СНС што веруваат во неа и што ја поканиле да ја менуваат заедно Србија.

За посредувањето на Европскиот Парламент во разговорите со опозицијата таа оцени дека едни бараат Европа да се вмеша и да посредува, „ги повикуваат и се жалат, а потоа и нив ги бојкотираат“, додека други ја напаѓаат власта затоа што Европа се вклучила во помагањето и посредувањето.

На прашањето дали Русија и Кина треба да бидат вклучени во дијалогот Белград-Приштина, таа потсети дека на дијалогот денес инсистираат држави кои ја поддржале еднострано прогласената независност во 2008 година, што покажува дека оваа тема е далеку од решена, како што многумина сметаа.

Она за што зборува претседателот Вучиќ е компромис што ќе доведе до историско помирување на Србите и Албанците и свртување кон иднината. Како би изгледал тој компромис е тема на дијалог – кажа Брнабиќ.