Регион

Босна ќе се збогува со уште 35 жртви од геноцидот во Сребреница

Босна ќе се збогува со уште 35 жртви од геноцидот во Сребреница

Уште 35 идентификувани жртви од геноцидот во Сребреница ќе бидат погребани утре, на одбележувањето на 23-годишнината од најголемиот геноцид во Европа од Втората светска војна, јавува Anadolu Agency (AA).

„Телата на жртвите беа ексхумирани од масовните гробници во селото Поточари, 6 километри северозападно од Сребреница“, се вели во соопштението на Институтот за исчезнати лица на Босна и Херцеговина.

Во соопштението се вели дека оваа година се идентификувани останки од телата на само 35 жртви.

Претседателот на Организацискиот комитет за спомен-активностите за геноцидот во Сребреница, Нермин Аливуковиќ, за АА изјави дека некои ги критикуваат за ширење информации за тоа што се случило во Сребреница.

„Овие денови, во пресрет на 23-годишнината од геноцидот, критикувани сме да не зборуваме повеќе за прогонот во Сребреница. Тие треба да знаат дека сè додека роднините на жртвите се живи, ќе продолжи да се зборува за овие лоши искуства“, вели тој.

Тој додаде дека на комеморацијата се поканети сите и дека на колективниот погреб во Поточари се очекува присуство на 20.000 до 30.000 лица.

– Остатоци од жртвите сè уште се појавуваат –

Дури и по 23 години, во Босна и Херцеговина остатоците од жртвите сè уште се откриваат и погребните церемонии сè уште се спроведуваат. Вкупно 6.575 жртви се погребани на гробиштата во Меморијалниот центар во Поточари.

Ремзија Дудиќ, која и покрај тоа што била во шестиот месец од бременоста, била убиена додека ја преминувала шумата за да пронајде спас заедно со нејзиниот сопруг. Овој брачен пар се наоѓа меѓу жртвите кои ќе бидат погребани оваа година.

Најмладата жртва од геноцидот, која ќе биде погребана годинава е Весид Ибриќ (16), роден во 1979 година, а најстарата – Шахин Халиловиќ (71), роден во 1924 година.

Речиси 170 идентификувани жртви се наоѓаат во идентификацискиот центар „Подриње“ во Тузла, но поради некомплетните остатоци од жртвите, тие сè уште не се погребани.

Доколку семејствата на претходно идентификуваните жртви му дозволеа на Институтот да го заврши овој процес, оваа година ќе беа погребени поголем број жртви.

Поголемиот дел од телата што беа ексхумирани од масовните гробници, по неколкугодишно истражување и ископување, се нецелосни. Така, некои семејства се надеваат дека ќе се најдат повеќе остатоци пред да ги погребаат своите најблиски.

Сребреница беше под опсада на српските сили помеѓу 1992 и 1995 година за време на војната во БиХ. Тогаш српските милиции се обидуваа да заземат територија од босанските муслимани и Хрвати за да формираат своја сопствена држава.

Советот за безбедност на ОН ја прогласи Сребреница за „безбедна област“, пролетта во 1993 година. Сепак, српските војници предводени од генералот Ратко Младиќ (кој сега се соочува со обвиненија за геноцид во Хаг) ја надминаа зоната на ОН, и покрај присуството на околу 450 холандски војници задолжени да дејствуваат како мировници на ОН.

Холандските војници не успеаја да дејствуваат откако српските сили ја окупираа областа, при што, само на 11 јули убија околу 2.000 мажи и момчиња.

Околу 15.000 мажи од Сребреница избегаа во околните планини, но српските трупи ги фатија и убија 6.000 од нив во шумата.