Регион 13. септември 2018. / 15:53

Белград: Украле локомотива и ја исекле на делови (ВИДЕО)

Белград: Украле локомотива и ја исекле на делови (ВИДЕО)

Исечената и во делови украдена локомотива „Пула“ била конструирана во 1864-та година, а била користена при градењето на Суецкиот канал. Во депото на белградскиот Железнички музеј се наоѓала уште од 1952-ра година.

Пет лица се уапсени во Белград поради сомнение дека на 3-ти септември оваа година провалиле во зградата која што била во сопственост на Железничкиот музеј и на делови ја исекле најстарата локомотива која што се наоѓала во музејот, а деловите ги однеле со себе.

Според српските медиуми, лицата на возраст од 24 до 36 години комплетно ја уништиле култната локомотива конструирана во 1864-та година, а против нив веќе биле поднесени кривични пријави.

Како што пренесува „РТС“, од Железничкиот музеј изјавиле дека вредноста на локомотивата била непроценлива во историски и материјален смисол. Но, од таму откриваат дека депото во кое што била „заборавена“ локомотивата со месеци било без електрична енергија, а немало ниту чувар на објектот.

Еден сведок открива дека во доцните вечерни часови слушнал бучава која што доаѓала од депото и таму ги затекнал луѓето кои што ја сечеле локомотивата.

Интересно е тоа што пред две години од тој простор на ист начин биле украдени две локомотиви и неколку тони железнички шини.