Во моментот на финализирање на договор за продажба на 324 килограми кокаин на пристаништето во Солун, грчката полиција уапсила државјани на Албанија (37), Хрватска (36) и Грција, доселеник од Албанија (35), додека по едно лице се трага. Наодите покажуваат дека веројатно граѓани на Србија стојат зад шверцот.
Според грчката полиција, ова е една од најголемите заплени на наркотици во земјата, а осомничените планирале да го разредуваат кокаинот за да добијат поголема количина и на тој начин да го продаваат.
Според грчките медиуми, вредноста на кокаинот се проценува на 100 милиони евра. Наодите на полицијата покажуваат дека неколку граѓани од Србија биле вклучени во трговија со дрога, пишува српска Политика.
– Уапсените лица имале хрватски и албански пасоши, а се испитува дали документите биле фалсификувани. Многу е веројатно дека граѓани на Србија стојат зад шверцот на наркотици, имајќи предвид дека тие се повеќе патуваат низ Европа со хрватски пасоши. Во прилог на овие индиции е и фактот дека во станот што го користеле обвинетите, а кој осомничениот го изнајмил со хрватски патни исправи, меѓу другото, била пронајдена икона на Свети Василиј Острошки – изјавил соговорник од истрагата за грчките медиуми.
Досега собраните докази укажуваат дека тројцата уапсени биле во самиот врв на криминалната организација.
Грчката полиција ја спроведе акцијата за апсење во соработка со канцеларијата на Американската агенција за борба против дрога (ДЕА), откако дошле до информација дека контејнер со голема количина чист кокаин пристигнал во солунското пристаниште.
– Полицијата ја следела групата долго време, а апсењето започнало кога било потврдено дека четворицата осомничени се сретнале во изнајмен преку интернет. Еден од обвинетите скокнал од шестиот кат и успеал да избега. Бидејќи полицијата верува дека тој не можел да остане неповреден откако скокнал од толкава висина, тие очекуваат дека бегалецот ќе побара лекарска помош и на тој начин ќе биде пронајден. Во станот се пронајдени околу 5.000 евра, мала количина динари, лаптоп и пет мобилни телефони, изјавил истиот извор од грчката полиција за локалните медиуми.
Според него, двајца мажи со хрватски документи чиј идентитет сè уште се утврдува, дошле во Солун кон средината на јануари.