Регион 07. февруари 2021. / 15:33

Бајден бара од Вучиќ да го признае Косово – тој му одговори дека тоа не е опција

Бајден бара од Вучиќ да го признае Косово – тој му одговори дека тоа не е опција

Американскиот претседател Џо Бајден во честитка по  повод Денот на државноста на Србија побара од претседателот Александар Вучиќ да го признае Косово.

Американскиот претседател Џо Бајден денеска му го честиташе Денот на државноста на Србија на српскиот претседател Александар Вучиќ и порача дека САД ќе продолжат да ја поддржуваат Србија во европските интеграции, реформите и постигнувањето траен договор со Косово фокусиран на меѓусебно признавање.

-Остануваме непоколебливи во поддршката на целта на Србија за европска интеграција и Ве охрабруваме да продолжите да преземате тешки чекори кон таа цел, вклучително и воведување на потребните реформи и постигнување на сеопфатен договор за нормализација со Косово, кој е фокусиран на меѓусебно признавање, вели Бајден во честитката до Александар Вучиќ, кое беше објавено на веб-страницата на српскиот претседател.

Вучиќ, во изјава за медиумите, се заблагодари за честитката и порача дека веќе еднаш кажал во Вашингтон што мисли за признавањето и дека неговиот одговор нема да биде поинаков.

-Меѓусебното признавање не е наведено во актот на ниедна светска организација. Ние разбираме дека ова е нова американска политика. Имаше обид тој термин да се наметне како нешто што требаше да го прифатиме како конечно решение во Вашингтон. Јас веќе еднаш кажав в лице што мислам за признавањето и мојот одговор нема да биде поинаков, рече Вучиќ.

Тој оцени дека „сето тоа не е пријатно затоа што е јасно дека целата американска администрација ќе оди во таа насока“, додавајќи дека би имал многу да одговори, но тоа не би одело во прилог на неговата земја.