Регион 09. октомври 2018. / 21:13

Анализа: Косово, тешко на оној кој гледа решение во размена на територии

Анализа: Косово, тешко на оној кој гледа решение во размена на територии

Размената на територии помеѓу Република Србија и Република Косово е една од најактуелните теми со кои се занимаваат регионалните политичари, внимателно набљудувани од меѓународната заедница. Странците овој период, не толку ретко, „фрлаат“ по некоја изјава, кратка, често недоизречена, дека се „за“ или „против“ територијалната корекција и нетрпеливо чекаат да видат кој на која страна ќе се закачи. Ова „скокање“ некои го нарекуваат подготвителен тест за да видат до каде се стигнати и двете страни со помирувањето.

пишува: М-р. Симона ЈОСИФОВСКА

Сепак прашањето за размена на територии со цел создавање скоро етнички чисти држави не претставува новина во државите од поранешна Југославија, туку е дел од домино ефектот кој е започнат во Босна. Со прифаќањето на промената на границите по етнички линии во Босна како предуслов за мир, меѓународната заедница, веројатно, не ни помислила дека оваа идеја ќе им „падне на ум“ на претседателите на Косово и Србија, Хашим Тачи и Александар Вучиќ.

Но како стигна да се разговара за размена на теротирии?

Кога се зборува за односот Србија-Косово секогаш владеат две перспективи. И двете се екстремни, но и слични.

Косово е историско право на Србите и Косово е етничко право на Албанците. И двете страни се стремат целосно да ги имплементираат своите зацртани цели, преку институциите, како и да покажат поцврста приврзаност до нивното етничко ткиво. И двете страни меѓусебно не си веруваат и се претставуваат како историски жртви на бруталност. Оваа колизија ја лимитира можноста да се воспостави некаков договор, да се свртат кон модернизација и воспоставување на продуктивен дијалог.

Досега и двете страни се однесуваа некомпромисно и не можеа да ги опишат непристрасно своите позиции, но ова е време на прагматизам, па претпоставувам дека и Србија и Косово одлучија да започнат од  крајните точки.

Првите напори за некакво помирување беа направени со создавањето на Заедницата на српски општини, која никогаш не профункционира според планираното. Таа идеја некако стана бледа, бидејќи дополнително ги потенцираше разликите.

Сега наводно се договара, косовската територија северно од Косовска Митровица, со мнозинство од српско население, да се припои кон Србија, а двете јужносрпски општини Бујановац и Прешево, каде албанското население е мнозинско, да се припои кон Косово. Ова е наизглед логично решение, имајќи предвид дека и двете страни многу тешко ќе се помират, но негативно ќе се рефлектира, посебно во БиХ и во Санџак. Ова решение значајно ќе ги еродира и така фрагилните демократски принципи, бидејќи, се чини, малцинствата во секоја држава на Балканот се чувстуваат како да се на гости и не гледаат да го изградат својот дом во местото каде што се родени.

Тешко на оној кој што гледа крајно решение во размена на териториите, зошто да се вратам на почеток, кај примерот во Босна, редно е Србија и Косово да го рушат доминото, да се модернизираат, да почнат полека да се прифаќаат и да ја зголемат соработката почнувајќи од економски аспект, а за политичкиот не мора да брзаат, иако меѓународната заедница во последно време постојано покажува на часовникот.

Паралелизмот меѓу државите кој е воспоставен и развиен, полека се крши, но за жал сеуште етноцентризмот има важна улога во заштитата на бизнис елитите. Правната држава е неопходна за воспоставување на траен мир и за економски развој. За граѓаните ништо нема да се промени ако нивната куќа не се наоѓа повеќе на косовска територија, туку на српска, и обратно, ако немаат основни услови за да се унапредат и да се поттикнат да размислуваат претприемачки.

За крај политичките актери и во двете држави не мора да бидат фокусирани да изнајдат решение, така ќе си создадат уште поголем притисок, за старт, кога веќе измерија кој што сака, доволно е да бидат љубопитни како да им помогнат на своите граѓани, независно од етничката припадност, да бидат економски слободни.