Регион 16. ноември 2018. / 21:04

Амбасадорката на Турција во Косово повредена во сообраќајна несреќа во која неколку лица загинаа

Амбасадорката на Турција во Косово повредена во сообраќајна несреќа во која неколку лица загинаа

Сообраќајна несреќа со смртни последици, во која учествуваше и службеното возило на Амбасадата на Турција во Косово, во кое била и амбасадорката Кивилчим Килич, се случи вечерва на магистралниот пат Приштина-Гњилане, кај месноста Мрамор, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во првичното соопштение на косовската полиција се наведува дека во сообраќајката учествувале три возила, од кои едното е на Турската амбасада и дека на местото на настанот починале две лица. Малку подоцна, медиумите објавија дека нешто по 19 часот починало уште едно од повредените лица, така што билансот на оваа несреќа е тројца загинати.

Полицијата потврди дека меѓу повредните е и амбасадорката Килич, која, како и останатите четворица повредени, е пренесена во Универзитетската клиника во Приштина.

Во полициските објави не се наведува дали е турската амбасадорка меѓу двајцата потешко или меѓу полесно повредните, но неофицијално се дознава дека таа не е во животна опасност.

Амбасадата на Турција во Приштина соопшти дека состојбата на амбасадорката Килич е стабилна и дека таа го добила соодветниот медицински третман.