Регион 05. декември 2018. / 22:13

Албанското МНР загрижено за серијата убиства на Албанци во Грција

Албанското МНР загрижено за серијата убиства на Албанци во Грција

По убиството на 18-годишниот Марио Исаку во грчкиот град Кавала, остро реагираше албанското Министерство за надворешни работи, искажувајќи голема загриженост за, како што вели, серијата убиства на Албанци во Грција.

– Остро ја осудуваме позадината на екстремизмот и говорот на омраза што ги придружува овие настани во соседната земја и ги повикуваме грчките власти да ги осудат и да спречат какви било обиди на Златна зора или на други екстремистички сегменти да се закануваат на безбедноста и достоинството на Албанците, кои работат и придонесуваат во соседната земја. – стои во во реакцијата.

Министерството искажува загриженост „за серијата убиства на Албанци“ и истовремено изразува сочувство со нивните семејства.

– Во услови кога нашите сонародници го чувствуваат притисокот на невидена кампања на омраза и насилство, ја изразуваме заложбата на албанската држава да им обезбеди на жртвите и на нивните семејства потребна правна и финансиска поддршка за заштита на нивните основни права како членови на најголемата емигрантска заедница, која живее и со децении придонесува во Грција. – се наведува во реакцијата.

Безживотното тело на младиот Исаку, роден во Кавала во 2000 година, а по потекло од Албанија, е пронајдено во вторникот ноќта. Ова, според министертвото е четврто убиство на албански граѓанин во последните две недели.