Албанците кои живеат во јужниот дел на Србија ќе одржат на 28 ноември, на Денот на знамето, националниот празник на Албанија, протестен собир во Прешево. Тие ќе одржат протест за да укажат на наводната дискриминација и со барање тој дел од земјата да се припои кон Косово и Метохија, пишува Вечерње новости.
Весникот во утрешниот број наведува дека зад тој собир стои Здружението на ветерани на терористичката Ослободителна војска на Прешево, Бујановац и Медвеѓа.
–Дискриминацијата секоја година е сѐ поголема. Нашето основно барање е припојување на Прешевската долина на Косово. Тоа не е барање на политичарите, туку волја на народот – вели за српски Новости претседателот на здружението, Назми Хајредини.
Иако лидерите на Албанците од тој дел на Србија сѐ уште не се огласиле, тој тврди дека имаа апсолутна поддршка од сите политички опции кои овој собир ги обединил.
Пратеникот од Бујановац во српскиот парламент Ненад Митровиќ вели дека не е изненаден од овој „перформанс на Албанците“.
–Ова е уште една во низата политички провокации чија цел е да предизвика нестабилност во општините на југот на Србија. Секоја година на тие собири има сѐ помалку луѓе… и одбележувањето се сведува на домовите на култура -посочи Митровиќ.