Денеска навршуваат 20 години од завршувањето на војната која имаше за цел да стави крај на косовското прашање. Седумдесетиосум денови траеше бомбардирањето од кое произлегоа бројни нови процеси, но никако не ги зајакна нашите соседи економски.
Пишува: м-р Симона ЈОСИФОВСКА
Неколку денови по завршувањето на војната поранешниот потпретседател на САД, Ден Квејл, изјави „Ова не е победа. Мислам дека ова ќе продолжи да биде хаос“.
Оваа загрижувачка изјава на конзервативецот, тогаш, бледо помина во медиумите, но еве, по 20 години, излегува дека е точна.
Анализата на правецот на движење на Србија и на Косово веќе не може да се базира врз одредени услови кои важеле во минатото. Сега околностите се променети. Тоа го потврди и српскиот претседател Александар Вучиќ во својот исцрпувачки говор во Собранието кога се носеше Извештајот за Косово. Иако за некои тоа беше говор полн со национализам, суштински наведе две работи: 1. Мора да се продолжи дијалогот со косовската страна; 2. Силна приврзаност кон ЕУ, а не кон Русија.
Вучиќ се обиде да ги убеди граѓаните дека разговор со косовскиот претседател Хашим Тачи мора да има, колку и да не му се допаѓа тоа. Исто така тој потенцира дека трговски партнер на Србија е ЕУ, со над 60 проценти од размената, како и дека најголем број од инвестициите се од држави од ЕУ, што значи дека приоритет на Србија веќе не е Русија.
Косово веќе не е ентитет од романтизмот, затоа треба да се „спушти од облаци“. Тие со воведувањето на таксите за српските и босанските производи, си ја зголемија цената до тој степен што веќе не прави никаква логика. Тоа беше нотирано и во сегашниот Извештај на Европската Комисија, каде пишува дека воведувањето на 100% тарифи ги поткопува напорите за соработка. Од друга страна Србија е пофалена за тоа што остана посветена на дијалогот и покажа воздржаност за таксите.
Тачи во последниот период се занимава со фрази интересни за просечниот мајдсет од средината на минатиот век. Сакал Прешево, Медвеѓа и Бујановац да се припојат кон Косово… Таквиот примитивизам само ги зацврстува предрасудите за неговиот народ и се оддалечува од европските вредности. Бенефит од тие глупости во ситуацијата има само Вучиќ, кој нагласи дека мирот и стабилноста во регионот треба да се чуваат и дека Србија треба да се грижи за Србите кои живеат на северниот дел од Косово.
Европскиот извештај нотира уште една значајна позитивна работа за Србите. Констатирано е дека Косово не направи прогрес за формирање на Заедница на српски општини и истата треба да ја воспостави што поскоро. Оваа реченица напишана од некој европски бирократ, јасно го кажува ставот на ЕУ: Нема поделба на Косово!
Наместо враќање во камената доба, најмалку два аспекти заслужуваат реално внимание. Тоа се: создавање на Заедница на српски општини и заштита на националното и културно српско наследство на Косово. Тоа се двете работи за кои Србија не смее да отстапи.
Колку и да изгледа невозможен дијалогот помеѓу двете страни, редно е да се покаже желба за напредок на регионот. Мислам дека тоа би се случило доколу системите во двете држави најпрво се фокусираат на приоритетите кои не вклучуваат просто собирање на гласачи за одржливост на бизнисите. Многу е лесно да се направи промена на еден човек-функционер и на некој начин да се казни за „лошата економија“, но со изградбата на стабилни институции и спроведливост на правото, пред се, ќе се филтрираат и „неспособните“ нема да можат да стигнат до одредена позиција.
За Косово, како млада држава да покаже прагматичност и почит кон другите суштински е важно да ја формира Заедницата на српските општини, ако не по правна логика, тогаш нека тргне од тоа дека ако не даде посебна автономија на тој ентитет ќе загуби дел од територијата.
Веќе на Балканот не ни се потребни авантуристи кои ќе направат епохални промени, време е да се сработи за подобро на општеството.
П.С. Косово сеуште нема код од топ-левел домејнот како држава (користи .net!) , па затоа и насловот е со .rs! Оваа правна аномалија, со која се соочува една држава која тврди дека е независна е само еден мал симбол за безизлезноста на ситуацијата.