Што се случува со дивоградбата кај Лагадин и зошто локалната власт крие да обзнани? За спорниот хотел кој е најблиску изградениот објект до бреговата линија на Охридското езеро, побаравме информација од локалната самоуправа, но на ова прашање не добивме одговор. Последен пат кога градоначалникот одговараше на новинарски прашања, пред еден месец објаснувајќи ја правната процедура, кажа дека тој донел решение за поништување на одобрението за градба, кое инвеститорот го обжалил пред второстепената комисија, објави Алфа.
Но, дека не се почитувала забрана за градба во повеќе наврати алармираа од граѓанската инцијатива Охрид СОС, приложувајќи и фотографии, со забелешка дека нелегалното градење во заштитената крајбрежна зона на Охридско Езеро се одвива непречено.
За потсетување уште пред 6 месеци, премиерот Заев јавно кажа дека лично ќе се заложел да се одблокира изградбата на хотелот во Лагадин. Од Охрид СОС го осудуваа заложувањето да се помогне во легализација на хотелот, бидејќи е спротивно на препораките на Унеско, се коси со постојните законски акти па дури и со Уставот на Република Македонија.
Граѓанските здруженија кои лани лето и протестираа за ова како што го нарекоа насилие што му се случува на Охрид, го отворија прашањето дали се уште треба да се спроведува законот за легализација на дивоградби?
На охридското крајбрежје и градот под Унеско му се случува катастрофа а никој не рагира. Охрид повеќе нема капацитет да ја издржи оваа непланска урбанизација во која се гуши. Безумно се приграбува секоја слободна површина – реагираат невладините здруженија.