Македонија 18. декември 2018. / 11:28

ЗНМ си го протолкува Статутот: Изборот на Чадиковски за претседател не бил спорен

ЗНМ си го протолкува Статутот: Изборот на Чадиковски за претседател не бил спорен

За Управниот одбор на Здружението на новинари на Македонија, нема ништо спорно во изборот на Младен Чадиковски за претседател на здружението.

Иако во член 34 од Статутот на ова здружение, јасно пишува дека претседателот се избира со мнозинство гласови од присутните на изборното собрание, Управниот одбор со автентично толкување дојде до заклучок дека Чадиковски е легитимно избран и тоа со мнозинство гласови од редовните членови присутни во моментот на гласањето.

– На конститутивната седница присуствуваа сите членови на Управниот одбор и сите одлуки беа донесени едногласно. Одлуката за потврдување на легитимноста на изборот на претседател на ЗНМ се донесе со консензус на сите членови на Управниот одбор, додека претседателот Младен Чадиковски се иззема од гласањето. На седницата беше предложена и едногласно избрана Фиљана Кока за заменик претседател на Здружението на новинарите на Македонија – информира денеска ЗНМ.

Управниот одбор констатирал дека за време на одржувањето на Собранието не бил пристигнат ниту еден приговор за процесот на гласање од страна на присутните членови, ниту од страна на членовите на Верификационата и Изборната комисија. Сите засегнати страни кои што имаат било каков сомнеж во однос на изборната процедура, како што велат од ЗНМ, можат да ги употребат достапните правни лекови.

– Управниот одбор повикува на консолидација на членовите со цел да се одржи достоинството и единството како клучни принципи за заштита на интересите на сите членови на ЗНМ. Управниот одбор констатираше дека за сите различни мислења е потребен зајакнат и институционализиран форум за дебата, со оглед на фактот дека и двајцата кандидати за претседател своите програми ги темелеа на поголема вклученост на членството во работата на Здружението преку предложени секции. УО предлага да се разговара со сите засегнати групи во еснафот и формирање секции кои ќе ги претставуваат интересите на тие специфични групи – велат од ЗНМ.

За потсетување изборното собрание на ЗНМ се одржа во саботата, а во трката за претседател беа Чадиковски и Столе Наумов.

Од вкупно 555 членови на Здружението на собранието биле присутни само 175.

За Чадиковски гласале 86 новинари и медиумски работници, што е за девет повеќе од вториот кандидат новинарот Столе Наумов, кој добил 77 гласа.

Според член 34 од Статутот на ЗНМ, претседател се избира со мнозинство гласови од присутните на изборното собрание. Тоа значи дека за Чадиковски да биде избран, тебало да добие 87 гласови, односно тој за само еден глас не е избран за претседател.