Учеството на македонската војска на парадата на 6-ти мај е знак за добрососедство и пријателство, рече бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов по состанокот со македонската министерка за одбрана Радмила Шекеринска во Софија, пренесе НоваТВ.
Бугарија сака мир и стабилност во земјите од Западен Балкан, а Македонија реши многу нерешени проблеми, рече Каракачанов. Радмила Шекеринска додаде дека Македонија е подготвена за членство во НАТО и во ЕУ и дека началникот на Генералштабот на македонската армија ќе присуствува на парадата на 6-ти мај.
„Ова е знак за партнерство и сојуз. Во парадите во Романија во последните 3-4 години, можеби и повеќе, последните 5 години, учествува бугарска чета, тоа е една традиција која постои помеѓу земјите кои се сојузници и партнери. Ова е знак дека ја прифаќаме Македонија како наш партнер во однос на идното членство во НАТО и како партнер на Балканот“, рече Каракачанов.
„Македонија – членка на НАТО и со почеток на преговорите за ЕУ ќе биде голем плус за нас во Македонија но и за нашите соседи и за безбедноста во целиот регион“, изјави Шеќеринска.
Парадата на бугарската војска се оддржува секоја година на 6 мај- Денот на бугарската армија. Тогаш во посета на Македонија доаѓа бугарскиот претседател Румен Радев, кој ќе има средба со македонскиот претседател Иванов. Бугарскиот претседател Радев ќе присуствува на Комеморативна церемонија во Ново Село Струмичко, каде ќе им оддадат почит на загинатите војници во Првата светска војна.