„Мојот став останува непроменет, зграда пред Мајчин дом не треба да има. Токму затоа, откако стапив на функција направивме интерна ревизија на планот и доставивме 13 преставки до Уставен суд, кој до ден денес нема доставено никаква одлука, ниту го стави во мирување, ниту го поништи планот. Ги поддржувам граѓаните да излезат и јасно да го кажат својот став за оваа зграда, а после протестот ги повикувам да дојдат во Општината да им ја објасниме состојбата“, рече Марин.
Градоначалникот Марин кажа дека не била можна ниту размена на земјиште со друга градежна парцела оти просторот е станат градежна парцела и му се зголемила вредноста, па инвеститорот барал од 8 до 10 милиони евра, што би ја блокирало работата на Општината во наредните 4 години.
„Во една година откако сум градоначалник, во завршна фаза е градинка во Ново Лисиче, набавени се 1.700 садници, улиците кои ги правиме веќе не ги броиме. Со неколку коментари на Фејсбук сигурно нема да дадам оставка, 20.000 луѓе ми ја дале поддршката“, кажа Марин.