Лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, во интервју за „360 Степени“ е песимист дека во Парламентот може да се постигне договор за уставни измени. Во меѓувреме, тој го отфрли предлогот за заеднички листи со СДСМ.
Сè уште нема ништо од разговорите меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за обезбедување на 2/3 гласови во Собранието за најавените уставни промени. Последниот датум кој партијата на премиерот Заев ќе ја чека опозицијата е 10-ти октомври. Од СДСМ велат дека процесите не смеат да бидат блокирани и дека земјата ќе оди на предвремени парламентарни избори. За СДСМ, една од опциите за предвремени избори е заедничка листа на партии што беа ЗА на референдумот на 30-ти септември.
„Сите опции се отворени, ништо не е дефинитивно заклучено. Го чекаме крајниот рок за да се обезбедат пратениците. Ако не, тогаш ќе почнат разговорите и конечните одлуки ќе бидат донесени околу тоа во каква форма ќе се оди на предвремени парламентарни избори. Секако, најпосакуваната опција е проевропскиот блок да излезе со заедничка листа и така ќе биде посигурно да се обезбедат 2/3 од гласовите во Парламентот“, рече Мухамед Зекири од СДСМ.
Но, од партијата на Мицкоски не се повлекуваат од своите барања, ати се: опозицијата да предложи нов главен обвинител, да се формира анкетна комисија за референдумот и да се формира 100-дневна техничка влада. Во ВМРО се убедени дека нивните пратеници се обединети и оти не постојат закани за поддржувачите на промените. Портпаролот на ВМРО ги негира гласините дека на последната средба се разговарало за разрешување на пратениците кои гласаа на референдумот.
„Не би сакал да коментирам бидејќи се работи за состанок на Извршниот комитет. Сè што требаше да се каже е кажано по состанокот и за разрешувањата. Во врска со заканите сакам да кажам дека такво нешто нема. Парламентарната група е едногласна и истакна дека ќе ја почитува волјата на народот, што беше изразено на референдумот во неделата“, рече Димче Арсевски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
„Не можете да барате од нас да влеземе во коалиција со луѓе кои ни забија нож во грбот и тоа пред само 5-6 месеци. Сега барате јас да одам во предизборна коалиција со Зоран Заев. Ве молам. Ова не е лично прашање“, рече Зијадин Села – Претседател на Алијансата за Албанците.
Премиерот Заев и денеска го повтори ставот – доколку опозицијата не ги поддржи уставните промени, тогаш парламентарните избори се неизбежни. Вчера Заев ги отфрли трите барања на опозицијата и нагласи дека роковите кои треба да се почитуваат до ратификацијата на договорот, не ветуваат техничка влада. Доколку разговорите за обезбедување на 2/3 од гласовите не успеат, најверојатниот датум за предвремени избори може да биде 25 ноември. Објавува Алсат-М.