Македонија 25. јуни 2020. / 08:40

Зибери си даде автогол: Слоганот за премиер Албанец не e атрактивен за да се направи пресврт кај гласачите

Зибери си даде автогол: Слоганот за премиер Албанец не e атрактивен за да се направи пресврт кај гласачите

Направи ли ДУИ грешка кога го номинираше Насер Зибери за кандидат на партијата за прв премиер Албанец, пишува  expres.mk.

На конвенцијата во Преспа, Али Ахмети, соопшти дека одлуката за Зибери била донесена по обемни консултации со разни интелектуални и академски кругови но ДУИ очигледно не проверила што Зибери мислел за идејата пред само неколку дена.

Зибери на официјалната номинација изјави: “Реков „да“ за кандидатурата затоа што оваа идеја е поголема од мене, таа е поголема од ДУИ. Не би ја прифатил ако не бев убеден дека станува збор за национален проект” .

Но, само пред неколку дена во изјава за медиумите, Зибери оваа идеја на партијата на Ахмети ја оцени како партиска пропаганда и како непривлечна, особено за гласачите Албанци. Тој рече дека тоа би било можно само при договор со другите партии, што, во случајов, ДУИ го нема, објави Алсат М.

Слоганот за премиер Албанец не е голема идеја и не може да биде атрактивна за да се направи радикален пресврт на расположението на гласачите, особено на гласачите Албанци, така што не очекувам важен пресврт во овој поглед.Целото ова барање кога се става во функција на предизборната активност, носи други димензии и честопати се става во негативна конотација, особено во опозициските партии, во партиите конкуренти со ДУИ. Ако една партија нема 61 место во Парламентот, мора да има политички договор, договор за коалиција со други субјекти, изјавил Зибери пред неколку дена.

Запрашан од Алсат да ги коментира ваквите негови неодамнешни ставови, Зибери негирал дека рекол оти реализацијата на идејата за премиер Албанец е невозможна и доколку ДУИ по изборите има позиција без која не може да се формира влада, идејата е изводлива. Како што вели, како граѓанин тој има еднакви права со Заев и Мицкоски да бараат да ја водат државата.

Насер Зибери беше пратеник на Партијата за демократски просперитет во три парламентарни состави во ‘90-тите години, беше и министер за труд и социјала, вицепремиер и еден од подготвувачите на Охридскиот договор.