Македонија 02. јуни 2020. / 09:03

Зголемениот број заразени може да биде причина за воведување карантин во одредени општини

Зголемениот број заразени може да биде причина за воведување карантин во одредени општини

Бројот на заразени со Ковид-19 во минатото деноноќие значително се зголеми. Регистрирани беа 89 нови случаи заразени со корона вирус од кои најголемиот дел се од Скопје-35. Висока бројка на заразени вчера имаше и во Штип, каде беа регистрирани 27 нови случаи, во Куманово 12, во Прилеп еден, во Тетово седум, во Гостивар, Струмица и Свети Николе по еден и во Кочани четири случаи.

Починаа вкупно седум луѓе. Во ГОБ „8 септември“ починаа шест лица, двајца од Скопје на возраст од 83 и 80 години, двајца од Куманово на возраст од 73 и 66 години, еден пациент од Струга на 44 години и еден од Тетово на 65 години. На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби почина еден пациент од Тетово на 54 години.

 

Министерот за здравство Венко Филипче уверува дека епидемиолошката состојба ја имаат под контрола. Според него околу 70 проценти од новите случаи се од веќе познати кластери, пред се од општините Чаир и Сарај. Тој вели дека и покрај високите бројки на новозаразени, нема пациенти кои се јавуваат во болниците, а тоа значи дека поголем дел се со лесна клиничка слика и можат да се лекуваат во домашни услови или еден добар дел се асимтопатски носители.

 

Сепак, Филипче соопшти дека се разговарало за евентуално воведување дополнителни рестриктивни мерки. Овие мерки би биле ограничување на движењето, односно карантин за одредени делови каде има поголем број дијагностицирани пациенти и воведување полициски час на локално ниво.

Како главен проблем со кој се соочуваат, Филипче ја наведе слабата соработка со дел од граѓаните кои одбиваат да се тестираат или да се пријават во болница. Апелираше дека сите мора да се придржуваат до препораките и да даваат целосни и вистинити информации до надлежните.

 

Вкупниот број на Ковид-19 дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 2.315, бројката на починати е 140, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 606.

Во рамки на скринингот во градинки и геронтолошки установи, што почна на 13 мај досега се направени 4.035 тестирања, а потврдени се вкупно девет позитивни од Ковид-19.

Досега во земјата се направени вкупно 30.302 тестирања на Ковид -19.