После синоќешните врнежи зголемен е водостојот на повеќето реки низ земјава, а на дел од нив има и значително високи водостои.
Особено висок беше водостојот на река Радика кој за време на ноќта достигна висина од 177 см. на хидролошката станица Бошков Мост и бележи континуирано зголемување последните два дена (во кои има пораст од 100 см).
Значително зголемен беше и водостојот на нејзината најголема притока, р.Мала Река, чиј водостој се зголеми за 50 см. во однос на вчерашниот и достигна 112 см. (на хидролошката станица Елен Скок).
Водостојот на реката Сатеска се зголеми за 60 см. во последните два дена, информира Управата за хидрометеоролошки работи.
-Пораст на водостојот имаа и водотеците кои доаѓаат од планинскиот масив Шар Планина (особено р.Бистрица и р. Маздрача), како и на водотеците од планинскиот масив Кораб (десните притоки на р.Радика). Од хидролошките станици се регистрира зголемен водостој и на р.Треска во Македонски Брод, каде има пораст на водостојот од 52 см. во однос на вчерашниот. Иако врнежите во источните делови од земјата беа послаби и таму се регистрирани зголемувања на водостоите, како резултат и на врнежите во изминатиов период таму кои ја зголемија влажноста на земјата и подготвија основа за поголема реакција на речните сливови (зголемен е коефициентот на истекување). Пораст на водостојот е забележан на р. Крива во Крива Паланка и на р.Пчиња на хидролошките станици во Пелинце и Катлановска Бања (каде се очекува натамошен пораст во текот на денешниот ден), посочуваат од УХМР.
Во вечерните часови и за време на ноќта се најавуваат нови врнежи, пообилни во западните делови каде на места локално се прогнозираат над 30 л/м2. Вкупно за наредните два дена во западните делови на места се очекува врнежите да надминат и 50 л/м2. Во тие делови од земјата се очекуваат значително вискои водостои, полнење на речните корита како и локални излевања. Ова особено се однесува на реките Радика, Сатеска, Коселска и Голема (Ресенска) во чии сливови се можни излевања.
Од УХМР предупредуваат на крајно претпазливо и внимателно движење (по можност да се избегнува) покрај реките и суводолиците низ земјава поради опасност од нивно излевање. Ова најмногу се однесува на водотеците во западниот дел од земјата каде врнежите ќе бидат пообилни.