Македонија 28. март 2019. / 11:46

Жерновски: Ќе се обесхрабриме ако и оваа година не добиеме датум за преговори со ЕУ

Жерновски: Ќе се обесхрабриме ако и оваа година не добиеме датум за преговори со ЕУ

Пред Мешовитиот парламентарен комитет кој во Стразбур го одржува својот 16-ти состанок под заедничко претседавање со Алојз Петерле од ЕНП, Словенија и Горан Милевски од Либерално демократската партија, пред европските пратеници и македонската собраниска делегација обраќање имаше заменик министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски.

– Горди сме на постигнатото и перспективите кои ги отворивме за Република Северна Македонија. Свесни сме дека пред нас претстои уште многу работа, но досегашниот успех ни дава оптимизам дека ќе успееме во исполнување на нашите стратешки определби. – рече Жерновски.

Тој, како што јавува дописникот на МИА од Стразбур, додаде дека во изминатата година Република Северна Македонија успеала да направи видлив напредок во исполнување на стратешките цели, односно членство во НАТО и во ЕУ.

– Очекуваме Советот на ЕУ во јуни годинава да определи конкретен датум за преговори на нашата земја со ЕУ. Ризикот од одлагање на донесување на ваква одлука ќе значи губење на моментумот, кој што беше изграден со огромни напори од страна на Грција и Северна Македонија. Тоа ќе значи обесхрабрувачки сигнал за државата и ќе го забави реформскиот процес, а ќе создаде и непредвидливост од создавање на нови можности. Од друга страна, отварањето на преговорите ќе значи продолжување на продукцијата на добри вести, инвестиција во стабилноста и просперитетот на ЕУ, демонстрација на кредибилност и посветеност кон основните ЕУ вредности. Тоа нема да значи членство, туку почеток на едно подолго патување кое ќе придонесе кон суштинска трансформација на општеството. – рече заменик министерот Жерновски.

Понатаму тој истакна дека консолидацијата на Унијата може и треба да се одвива паралелно со европската консолидација на Балканот.

– За нас, Европа значи многу повеќе отколку само унија, отколку само раст и економска сигурност. За нас, Европа значи да живееме во модерно, рамноправно и отворено општество, со јасни демократски стандарди, во кое владее правото, во кое живее солидарноста, во кое функционираат подобри судови и во кое правата се еднакви за сите. – изјави Жерновски.

Во препораките кои европратениците заедно со пратениците од македонското Собрание, треба да ги усвојат, се препорачува почеток на преговори со Република Северна Македонија оваа година, за членство во Европската унија. Во документот кој ќе биде усвоен на крајот на овој состанок, констатиран е напредок во клучните области на владеење на правото, безбедносните и разузнавачките служби, реформата на јавната администрација и борбата против организираниот криминал и корупцијата, што претставува солидна основа за следниот извештај на Европската Комисија и ќе обезбеди позитивна клима пред јунските самити на Советот на ЕУ.

Ова беше потенцирано и во излагањето од претставниците на европските институции кои нагласија дека „Република Северна Македонија се наоѓа пред значаен момент, со оглед дека во јуни се очекува важна одлука на идниот Европски совет за отворање на преговорите“.

Претставниците на ЕУ констатираа напредок во реформите, нагласувајќи дека во истите се вклучени и голем дел од нивните препораки, поздравувајќи ја политиката на добрососедство, посочувајќи го Преспанскиот договор како пример за лидерство и храброст за решавање на споровите.

Тие, исто така сметаат дека е потребно доследно спроведување на законите, борба против корупцијата, испитување на обвинувањата за непотизам при вработувањето и изведување на одговорните за сите злоупотреби пред правдата. Претставниците на ЕУ побараа и соработка, дијалог и определување на опозицијата и власта по сите значајни стратешки прашања за евроатлантските интеграции на земјата.