Македонија 31. јануари 2020. / 17:58

Жерновски–Брнс: САД јасно и посветено ја поддржува Македонија на патот кон ЕУ и НАТО

Жерновски–Брнс: САД јасно и посветено ја поддржува Македонија на патот кон ЕУ и НАТО

Заменикот министер за надворешни работи, Андреј Жерновски, се сретна со амбасадорката на САД, Кејт Брнс при што разговарале за соработката меѓу двете земји, за напредокот на Македонија во процесот за членство во НАТО и ЕУ, како и за прашањата кои се однесуваат на стабилизација и просперитет на регионот.

Како што соопштија од МНР, на средбата е потврдено дека Македонија и САД успешно го одржуваат и зајакнуваат воспоставеното стратешко партнерство во интерес на граѓаните на двете земји, како и во остварувањето на заедничките цели за демократски просперитет на регионот и во заедничките акции во борбата против тероризмот.

Жерновски, во разговорот со амбасадорката Брнз, изразил благодарност за американската ратификација на Протоколот за пристапување на Македонија во НАТО, што било од особена важност во заокружувањето на овој процес за полноправно членство на нашата земја во НАТО.

На средбата, амбасадорката Брнз го реафирмирала јасниот став на САД дека тие остануваат посветен сојузник на Македонија на патот до полноправно членство во НАТО и ЕУ, како и на континуираните напори и политики на земјата да обезбеди одржливи услови за просперитетна иднина за граѓаните на Македонија.