Македонија 07. април 2019. / 18:26

Земјоделците, бизнисмените, пензионерите и невработените се за Сиљановска, административците за Пендаровски

Земјоделците, бизнисмените, пензионерите и невработените се за Сиљановска, административците за Пендаровски

Администрацијата ќе гласа за претседателскиот кандидат на коалицијата предводена од владејачката СДСМ, Стево Пендаровски, но бизнисмените, земјоделците, пензионерите и невработените сметаат дека вистински избор ќе направат ако го заокружат бројот 2 пред името на кандидатката поддржана од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Сиљановска-Давкова.

Овие проценти се резултат на телефонската анкетата на Институтот за политички истражувања од Скопје (ИПИС) спроведена од 23 до 27 март годинава на репрезентативен примерок од 1110 испитаници од целтата држава.

Анкетата на ИПИС ја презентира политичкиот магазин „Детектор“ на ТВ Сител.

Маргина на статистичка грешка на анкетата е +/- 3%

Според професиите, 39,1% вработени во државниот сектор на претседателските избори својот глас ќе го дадат за кандидатот Стево Пендаровски, но доста висок процент од нив, 32,2% ќе се одлучат за кандидатката на на опозициската коалиција Гордана Силјановска-Давкова. Само 5,2% ќе гласаат за независниот кандидат Блерим Река.

Самовработените / сопствениците на приватен бизнис во голем процент ќе гласаат за професорката Гордана Силјановска – Давкова – 31,8%, 18,2% од бизнисмените му веруваат на професорот Блерим Река, а незначителен процент, само 4,5% од испитаниците би сакале државата ја предводи Стево Пендаровски.

И земјоделците ѝ веруваат на кандидатката Силјановска-Давкова. 35,2% од испитаниците-земјоделци на овие претседателски избори ќе заокружат број 2. Речиси двојно помалку, 17,6% земјоделци му веруваат на кандидатот на владејачката коалиција Пендаровски, а ниту еден испитаник-земјоделец не се одлучил на гласачкото ливче да заокружи број 1 за Блерим Река.

Висок е процентот и на пензионерите кои ѝ веруваат на Силјановска – Давкова – 29,2%. 26,3% проценти од пензионерите веруваат, пак, дека иднината ќе им биде безбедна ако својот глас му го доверат на Пендаровски. Само 2,9% пензионери имаат доверба во претседателскиот кандидат Река.

И невработените граѓани веруваат во она што го зборува претседателскиот кандидат поддржан од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска – Давкова. 19,5% од нов сакаат да добијат мајка на нацијата, додека 15,1% за татко на нацијата го доживуваат Стево Пендаровски. Татко на нацијата, пак, во Блерим река гледаат 10,7% од невработените испитаници во анкетата на ИПИС.

ИПИС нагласува дека овие резултати се добиени под претпоставка дека во земјата живеат 1.400.000 гласачи, базирано на претходни истражувања на институтот.