Лица кои имаат симптоми на корона вирус, а претходно биле во контакт со заболени од Ковид-19, седат заглавени во своите домови со висока температура, кашлица и треска, а во Центарот за јавно здравје им велат да се јават само ако развијат посериозни симптоми.
Во текот на вчерашниот ден, до редакцијата на „А1.Он“ се обратило лице кое е во карантин трет ден, по контакт со еден од заразените од корона вирус.
Вртам 15 минути на телефонските линии, беше зафатено. Кога конечно ги добив и им кажав дека сум бил во контакт со заболен, а ги имам сите симптоми на вирусот, ми рекоа да останам дома и да се јавам само ако развијам посериозни симптоми. Ги замолив да дојдат да ми земат барем брисеви, бидејќи сепак живеам дома со постари родители кои се хронично болни. Јас немам како да излезам од дома бидејќи сум во карантин, а во Центарот ми рекоа дека тоа ќе го сторат само ако има влошување на ситуацијата – сведочи соговорникот на „А1.Он“.
Од редакцијата се јавиле на телефонскиот број во Центарот за јавно здравје посочувајќи го случајот, но го добиле истиот одговор.
Имаме премногу работа, а недоволно кадар, не можеме да постигнеме да отидеме секаде. Ве молиме разберете. Лицето кое има симптоми може да се јави на броевите кога сака, ако му се влоши состојбата.
На прашаежњето какво влошување треба да има лицето за да му бидат земени брисеви за корона вирус, не добиле прецизен одговор.
Во текот на вчерашниот ден, во болницата „Жан Митрев“ се пријавило уште едно лице за да се тестира за корона вирусот, откако две недели со симптоми на Ковид-19 чекал да дојдат од Центарот за јавно здравје за да му земат брисеви. Тестот за корона вирус во „Жан Митрев“ кај ова лице е позитивен.
Лицето со коешто имал контакт соговорникот на „А1.Он“, а е позитивно на корона вирусот, во моментов е дома, бидејќи имало полесна клиничка слика и му било кажано да пие витамини и чаеви. Еднаш дневно добива повик од Клиниката со прашање за тоа како се чувствува.
Заболеното лице е во карантин, но не го чува, ниту пак го посетила полиција откако е во изолација и откако му бил дијагностициран вирусот.