Продолжува алармантното ширење на епидемијата на Ковид-19 во Македонија. Само во текот на вчерашниот ден, здравствените власти регистрираа 193 нови случаи, но и девет починати пациенти.
Капацитетите во болниците се полнат, а медицинскиот персонал е преморен. Поради тешката состојба и масовнот ширење на вирусот, активирана е и монтажната болница каде веќе се сместени тројца пациенти, а во лекувањето на болните се вклучуваат и трите најголеми приватни клиники – „Систина“, „Ремедика“ и „Жан Митрев“.
Во овие три болници има протоколи за изолација во кои може да се третираат пациенти за таа услуга за која биле иницијално примени, со цел да се ослободи капацитетот односно притисокот од болницата „8 Септември“, каде што обично се префрлаа овие пациенти.
Со приватните болници е разговарано и за кадарот што по потреба треба да биде на располагање на јавно здравствените установи, пред се специјалистите по анестезиологија или по интерна медицина.
Доколку се наметне потреба и се преполнат нашите капацитети во јавно здравствените установи, ќе може да се користат и болничките кревети во приватните за третман на пациенти на кои е потребна здравствена услуга заради Ковид-19 вирусот – соопшти министерот за здравство Венко Филипче.
Скопје ново жариште
Особено алармантна е состојбата во главниот град, кој станува новото и најголемо жариште на вирусот. Според објавените податоци од Министерството за здравство, од вкупно регистрираните 193 случаи, 140 биле само во Скопје.
Најголем број активни случаи и натаму има во Чаир – 306, по што следува Аеродром со 119 активни случаи, Гази Баба и Центар со по 114 случаи, Бутел со 106 случаи, Карпош со 100 случаи и Сарај со 95 случаи. Активни случаи има и во Кисела Вода – 71, Ѓорче Петров – 57, Студеничани – 62, Шуто Оризари – 46, Арачиново – 33, Илинден – 28, Петровец – 12, Сопиште – 11, Чучер Сандево – 7, Зелениково-1….
Според директорот на Институтот за јавно здравје Арбен Зибери, поголемиот број заболени се постоечки кластери каде заразата се шири меѓу членови на семејството, но има и нови кластери.
Во последните десет дена односно две недели ние секој ден имаме повеќе од 100 новодијагностицирани. Зголемен е обемот на работа доста, засега немаме проблеми со епидемиолошките анкети. Денес во Комисијата за заразни болести беше договорено освен сегашните биолози да ни се приклучат и доктори од трудова медицина и епидемиолози од Воената болница – изјави Зибери во онлајн гостувањето во емисијата „Топ тема“ на телевизија Телма.