Македонија 11. јуни 2020. / 10:26

Здравјето на граѓаните или брзи избори, власта и опозицијата со различни приоритети

Здравјето на граѓаните или брзи избори, власта и опозицијата со различни приоритети

Власта не се откажува од идејата за избори на 5 јли. Ова станува јасно откако Владата вчера изгласа уредба со која го задолжи МВР да го ажурира избирачкиот список, а Министерството за здравство да обезбеди заштитна опрема за секое избирачко место.

Ова доаѓа откако нови 125 случаи на Ковид-19 беа регистрирани вчера, што е повторно висока бројка на заразени од овој вирус. Најголем број новозаболени имаше минатата недела кога беа регистрирани 180 случаи.

Дополнително Владата формално се уште не се изјаснила и дали е потребна нова вонредна состојбна, а според изјавите на преставници на власта извесно е дека ново продолжување ќе нема. Ваквиот став вчера го потенцираше и лидерот на владејачката СДСМ, Зоран Заев.

– Нема никакви причини Владата да бара нова вонредна состојба. Нема ни основ како да ја оправда. Затоа роковите за избори остануваат онака како што е законски и уставно пропишано, а тоа е 22 дена од завршување на вонредната состојба, односно на 5 јули, вели Заев. Вонредната состојба, како што посочува, нема врска со рестриктивните мерки поврзани со здравствените последици од корона вирусот.

Според опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, клучен фактор за одредување на датумот за избори е здравствената состојба со короната. Сметаат дека не треба да се брза, посебно што само од почетокот на јуни во Македонија има 1141 новозаразен и 31 починат.

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицковски, повтори дека ако изборите се на 5 јули Заев на нив може да оди сам.

– Со желба за брзи корона-избори, екс-премиерот Зоран Заев ја втурнува цела држава во криза. Политичка, но и здравствена криза. Откако слепо беше фатен за еден уште побрз датум, сега Заев вели дека не отстапува од избори на 5-ти јули. Лидерот на СДСМ истакна дека нема потреба од нова вонредна состојба иако денес имавме седум жртви од корона вирусот и 125 новозаразени. Згора на тоа, тој и цела Влада се решени да го втурнат народот во невиден ризик и за 25 дена од денес да се одржат избори, вели лидерот на опозицијата.

Со двајца лидери синоќа разговараше комесарот за проширување Оливер Вархеји кој испрати порака дека изборниот датум мора да биде договорен со конзензус земајќи ја во предвид ситуацијата со Ковид-19.