Не е до нас да ви кажуваме кога ќе се одржат изборите во вашата земја. Одлуката за избори е на вашите политичари и тие треба да ја донесат што е можно поскоро, со цел граѓаните да имаат некоја ориентација за она што ќе следува, изјави евроамбасадорот Самуел Жбогар.
– Од моја страна гледам две ситуации, од една страна ситуација во која немате Парламент, имате техничка Влада со ограничени компетенции, имате и вонредна состојба која не може да трае засекогаш, рече Жбогар.
Според него ова не е одржлива ситуација, особено денес кога се справуваме со корона кризата, кога институциите се потребни за да се справат со ситуацијата.
Од друга страна имате ситуација кога случаите на Ковид се зголемуваат и се надевам дека она што го кажа министерот Филипче дека до крајот на неделава ќе видиме една нова реалност, а тоа е да има намалување на бројот на заразени, рече Жбогар.
Тој оцени дека треба политичарите треба да направат баланс во однос на изборите.
– Мора да кажеме дека што се однесува на изборите никогаш нема вистинско време, или вистински момент. Меѓутоа, имајќи ја предвид сегашнава ситуација со коронавирусот, мислам дека и не е толку тешко да се нарави вистинскиот избор. Затоа што мислам дека ситуацијата нема да се подобри до крајот на годината како што кажа Филипче, вирусот нема да исчезне, туку ќе биде тука и сите ќе мора да живееме со таа реалност, истакна Жбогар, одговорајќи на новинарско прашање по денешната презентација на помошта од ЕУ за справување со Ковид-19.