Македонија 06. ноември 2020. / 17:23

Завршува времето на етничките партии во Македонија – ќе стануваат идеолошки!

Завршува времето на етничките партии во Македонија – ќе стануваат идеолошки!

Денешната средба, каде под покровителство на германската фондација „Конрад Аденауер“ се среќаваат лидерите на ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса на Албанците и Алтернатива, претставува етапа од една важна стратегија на меѓународната заедница.

пишува: Љупчо ЗЛАТЕВ

Стратегијата веќе подолго време срамежливо но ефикасно се наметнува од страна на дипломатите и претставува ставање на крај на концептот на етнички партии во Република С. Македонија.

Краткорочно, ова би значело дека можеби уште на наредните локални избори наместо два албански и два македонски блокови, ќе гледаме еден широк идеолошки блок во левицата и еден широк идеолошки блок во десницата.

Долгорочно, ова може да значи целосно исчезнување на партиите со етнички предзнак кои ќе станат целосно идеолошки па ќе имаме една голема партија од десниот центар со неколку македонски и неколку албански фракции и една голема партија од левиот центар која ќе функционира на истиот начин.

Зоран Заев и СДСМ веќе го прифатија овој модел на функционирање, па на претседателските избори излегоа со еден кандидат заедно со ДУИ. Во исто време, очигледно е дека преку своите локални ограноци имаат влијание во албанските средини а имаат и пратеници Албанци кои влегуваат преку нивните листи.

Овој процес во левицата уште повеќе ќе се засили, ако се има предвид дека лидерот на ДУИ Али Ахмети веќе се наоѓа во еден хашки процес, а според познавачите без него партијата би се распаднала за неколку месеци. Така што, многу брзо можеме да очекуваме дека ДУИ ќе стане дел од СДСМ, а одредени крила на партијата би се упатиле кон десницата.

На ред е десницата, за која токму денес гледаме дека се екипира под палката на меѓународната заедница. На секој познавач на политичките прилики му е јасно дека ВМРО-ДПМНЕ не успеа да победи на претседателските избори и не формираше влада на парламентарните, токму поради предноста која СДСМ ја добива од албанските средини. Ова сега ќе се смени и ќе гледаме различна слика во која дури и Зијадин Села кој беше брутално претепан на 27 април, нема да има проблем да седне на маса и да биде власт или опозиција заедно со ВМРО-ДПМНЕ.

Ова е важно за една демократија во земја која е етнички поделена. Не постои подобар начин за интеграција во едно општество од создавањето на ваквиот концепт на држави. Кога може да видиме Пакистанци во Велика Британија како стануваат пратеници преку Конзервативната Партија, зошто истото да не се случи и во Македонија преку ВМРО-ДПМНЕ?

Го слушнавме денес и самиот Мицкоски како во неколку наврати, во денешната изјава го спомна терминот „Конзервативни партии“. За прв пат по подолго време, ВМРО-ДПМНЕ гледа на албанските партии преку идеолошка призма.

Новите времиња сегде на планетата ги ставаат во втор план етничките партии, кои повеќе се обединуваат на идеолошка партија. Македонија може и мора да биде дел од овој процес, а  националистички вжештените глави во македонските и албанските партии очигледно ќе мора малку да се изладат. На крајот денот, етничките прашања речиси се затворени во нашата земја и сите на мачат проблеми многу поголеми од тоа каков јазик говориме и на која група и припаѓаме.