Синоќа на полноќ заврши вонредната состојба.
Со оглед на тоа што лидерите на двете најголеми партии во државата, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, на средбата кај Претседателот во во вила Водно не постигнаа договор за датумот за изборите, од Владата инсистираат дека продолжуваат да течат изборните дјствија за избори на 5 јули.
Според тврдењето на власта, тој датум треба да биде денот за избори затоа што е 22 дена од завршувањето на вонредната состојба. Со таквиот рок, изборната кампања ќе почне на 16 јуни.
Лидерот на СДСМ вчера упати нов предлог за избори, односно наместо на 5. јули, тие да се одржат на 8 јули. Заев порача дека доколку биде прифатен тој термин ќе побара од Владата да свика седница и да донесе предлог за продолжување на вонредната состојба од три дена, овој пат заради договор со опозицијата.
Јас нема да робувам на 5 јули и како датум да се држам фиксно до него. Еве отстапувам од 5 јули и согласен сум изборите да бидат на 8 јули среда – изјави Заев.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, го повторија ставот дека избори треба да има, но инсистираат прво на заштита на здравјето на граѓаните, како и на квалитетен меѓународен мониторинг и прочистен избирачки список.
Во однос на изборниот процес инсистираме за целосно почитување на Уставот и законите и меѓународните стандарди. Заев сака избори без набљудувачка мисија на ОБСЕ и да немаме прочистен избирачки список. Она што Заев го сака е избори каде ние ќе броиме корона-жртви, каде ќе немаме прочистен избирачки список, и без квалитетен меѓународен мониторинг. Тоа би значило изборна кражба, а не потврда на народната волја – изјави членот на ИК на партијата, Орце Ѓорѓиевски.
Претседателот Стево Пендаровски во петокот не прогласи нова вонредна состојба, а лидерската во формат Заев – Мицковски што се одржа на негова иницијатива со цел двете најголеми политичките партии од власта и опозицијата да се договорат за датумот за изборите, заврши без договор.
Со организирање изборен процес кој не би бил инклузивен, според него, земјата може да влезе во длабока политичка криза.
Претседателот Пендаровски првата вонредна состојба со цел поефикасно справување со пандемијата на Ковид-19 ја прогласи на 18 март, втората на 16 април (и двете со времетраење од 30 дена), а третата и четвртата која истече ноќеска на полноќ беа со времетраење од 14 дена.