Македонија 14. февруари 2020. / 21:34

Заврши расправата за Законот за ЈО, нова седница во 22 часот за разрешување на Мизрахи

Заврши расправата за Законот за ЈО, нова седница во 22 часот за разрешување на Мизрахи

Во Собранието заврши расправата по предлог на Законот за Јавното обвинителство по скратена постапка. Произнесувањето по оваа точка, како што кажа претседателот на Собранието, Талат Џафери ќе биде во оној момент кога координаторите на пратеничките групи ќе го обезбедат потребното мнозинство.

На расправата во текот на попладневните часови единствени кои се јавија за збор беа пратениците од опозицијата и многу ретко имаше реплика од страна на пратениците од владеачкото мнозинство.

– Носите противуставен закон, без прифатени забелешки од експертите само за да спасите едно лице од одговорност, а тоа е Зоран Заев, рекоа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и додадоа дека под плаштот на овој Закон власта се обидува да избега од избори и докажува дека се подготвени целата држава да ја стават во заложништво.

Пратениците од власта одговорија дека донесувањето на Законот за ЈО ќе значи почеток на борбата против корупцијата и криминалот. Дека ова е сериозна и последна борба меѓу мафијата и правдата.

– Законот за ЈО е последната неопходна алатка за борба со сериозно организиран криминал во нашата држава, кој се уште не е искоренет, но носењето на овој Закон ќе биде почеток на крајот на секој еден кој што направил кривично дело, рекоа пратениците од Власта.

Во 22 часот Собранието ќе продолжи со работа по нова, односно 136-тата седница, на која ќе се најдат предлог-законот за разрешување на министерката Мизрахи, предлог на Законот за неевидентирани лица во матична книга на родени, Законот за лични карти, како и измените во Изборниот законик, по скратена постапка.

Џафери попладнево рече  дека Собранието ќе работи без прекин, додека не се распушти. Седницата за распуштање е закажана за недела во 12 часот.