МВР во текот на целиот ден крие за пртетресот кој утринава го спровеле во домот на режисерот Јани Бојаџи во Струмица.
Веднаш по објавувањето на информацијата, која Економски Лидер ја објави во 11:25 претпладнево, нашата редакција се јави за потврда кај портпаролот на МВР Тони Ангеловски.
Ангеловски ни рече дека е на состанок и не замоли да му пратиме меил, што беше сторено од новинарот на Лидер, но до овој момент (20:45) нема никаков одговор на нашите прашања.
Непосредно по нашата објава во дел од провладините медиуми се појавија статии во кои се тврдеше дека за нив Бојаџи демантирал оти бил извршен претрес, но во статиите тој ги демантираше.
Вечерва, режисерот ја потврди нашата информација на неговиот фејсбук профил. Така што, на крај се виде кој шири лажни вести, дали Лидер или медиумите кои пишуваа дека ние лажеме.
Почитувани, да, утринава во домот на моите родители во Струмица е извршен претрес и после неколку часа мојот татко Андони (75) е донесен во Скопје и приведен во полициската станица во Гази Баба. До овој момент со него не разговарал полициски инспектор, обвинител или судија! Ви благодарам на подршката на сите вас кои денес од раните утрински часови бевте со мене и моето семејство.Да сте живи и здрави. Се гледаме за помалку од час во Кино Милениум.Татко ми со мислите ќе биде со сите нас! – напиша Бојаџи на Фејсбук.
Таткото на Бојаџи, како што дознаваме, сеуште е приведен и чека некој да го интервјура. Но со него сеуште не разговарал никој.
Во овој момент во Кино Милениум се одржува премиера на филмот на Бојаџи, но, во јавноста се шири фама дека по крајот на премиерата во 22:30, режимот има намера да го уапси.