Рано утрово под засилено полициско обезбедување и контрола од Државната изборна комисија, започна дистрибуцијата на доверливиот и дополнителниот материјал за референдумот в недела. Како што велат од ДИК, до крајот на денот гласачките ливчиња треба да пристигнат до секоја општинска изборна комисија.
„Задоволни сме од она што го проверивме. Работите квалитетно течеа уште од подготвителниот период. Изготвувачот го испочитува сето она што претходно го побаравме како материја“, вели претседателот на ДИК, Оливер Дерковски.
Од битолската печатница „Киро Дандаро“ велат дека се направени сите процедури и во целост е завршена работата. Високиот квалитет и дополнителната заштита е карактеристична за гласачките ливчиња за овој референдум.
„Гласачките ливчиња се испечатени со висок квалитет. Имаат околу 20 заштитни мерки и не постојат никакви можности за нивно копирање или фалсификат. Освен доверливиот материјал нашата печатница го подготви и останатиот недоверлив материјал“, вели директорот на печатницата „Киро Дандаро“, Драги Милошевски.
Од ДИК велат дека материјалот за најодалечените места во дијаспората е испратен вчера, a останатиот ќе биде дистрибуиран во текот на денешниот ден. Во дустрибуцијата помагаат и екипи на Македонски пошти. Во 33. дипломатско – конзуларни претставништва ќе гласаат вкупно 2.695 гласач.
В недела ќе се гласа на 3.480 гласачки места, а според единствениот избирачки список право на глас имаат 1.806.336 гласачи.