Македонија 29. јануари 2020. / 12:03

Законот за ЈО со многу недоречености, смешен и дилетантски, смета експертската јавност

Законот за ЈО со многу недоречености, смешен и дилетантски, смета експертската јавност

Смешен и дилетантски со многу недоречености, вака експертската јавност го оцени новото законско решение за јавното обвинителство кое беше предмет на јавна дебата во Собранието, но и со разбирање за потребата од негово брзо донесување поради зачувување на европската перспектива на земјата.

За универзитетскиот професор Гордан Калајџиев новиот предлог закон има неколку нејасни одредби. Според него спорен е членот 108 од предлог-законот кој вели дека постапките треба да продолжат.

-Член 108 од предлог-законот вели дека постапките треба да продолжат. Дали е ова нова сезона на „Френдс“? Зошто обвинителот не го покаже писмото од Катица Јанева? И јас ќе го повикам уште еднаш обвинителот да го покаже писмото, рече Калајџиев.

Забележа и дека дека во иднина треба да се внимава на највисоките функции во земјава да се поставуваат луѓе со интегритет.

Покритична во однос на новото законско решение, посебно во процедурата на неговото донесување, беше професорката Гордана Силјановска која рече дека европското знамеце во носењето на овој закон е важно, но вистински ќе се легитимиравме ако беше испратен во Венецијанската комисија.

Забелешка имеше и за членот 109, став 1 и 2, за кои рече дека е потребно да се корегираат бидејќи директно се мешаат во Советот на јавни обвинители.

– Во рок од 30 дена од влегувањето на сила на овој закон се вели дека Основно јавно обвинителство ќе донесе одлука за зголемување на бројот на јавни обвинители за гонење на висок криминал, не може закон тоа да надреди, тоа е нивна работа врз основа увидот на јавните обвинители и мислам дека ова не е страшно да се корегира. И втората се вели дека во рок од 15 дена од донесувањето на одлуката од ставот 1, Советот на јавни обвинители ќе распише оглас, ниту ова не може во овој закон да го пишува, бидејќи не е работа на овој закон, изјави Силјановска Давкова.

Силјановска, додаде и дека од текстот на Законот треба да избришат зборовите Република Северна Македонија, кои според неа, папагалски се повторуваат и да се заменат со зборовите „Републиката“.

Експерт за административно право и јавна администрација, Борче Давитковски, пак, критикувајќи го законот рече дека владата сака сите високи функционери во админситрацијата да се бираат од страна на мешана комисија во Собранието, што според експертите е мешање на извршната и законодавната власт, поделени согласно уставот.

– Концептуално овде Собранието нема што да се меша. Собранието е политички контролор на извршната власт и таа функција треба да си ја задржи. Во законот за вработени во јавен сектор, во законот за административни службеници, во закон за јавни претпријатија, закон за установи на пример има менаџерски договори, ако директорот не ги исполнува условите едноставно ќе го разрешите, а не да направиме цело театро како што беше изборот на ДКСК од кое произлезе многу промет, а ќарот многу мал, рече Давитковски.

Една од најкритичните, професорката Тања Каракамишева смета дека оваа верзија на законот треба да биде доработена, а текстот испратен до Венецијанската комисија за добивање итно мислење за да се оцени неговата содржина и усогласеност со легислативата на ЕУ и со меѓународните стандарди.

– Законот е лоша имитација на оној од 2007 година, да беше реформски, ќе имавме сосема нов закон, а не лоша компилација од претходниот за кој имаше забелешки од Венециската комисија и тие да бидат вметнати во овој закон“, рече професорката по уставно право.

Според Каракамишева, со овој закон не е намерата да се донесе реформа во правосудниот систем, туку да се удомат кадрите на СЈО.

На одредени недоречености или одредби во законот укажа и претседателот на Советот на јавните обвинителли Ацо Колевски. Нему му пречи членот 109 став 1 и 2 од законот во кој, според став 1, се обрзува Советот по предлог на јавниот обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција да донесе одлука за зголемување на бројот на јавните обвинители.

– Сметам дека систематизацијата и зголемувањето на бројот се врши откако се откриваат податови за бројот на кривични пријави, предмети во фаза на решвање или се веќе решени, како ои точен број на предмети. Ова задолжение е во исклучотелна надлежност на Советот и доколку утврди дека има таква потреба секако истото ќе го стори, рече Колевски сметајќи дека оваа одредба е излишна и не треба да биде предмет на регулација.

Новиот предлог-закон за ЈО не е влезен се уште во собраниска процедура, иако се очекува тој да биде донесен до 12 февруари, кога треба да се распушти овој собраниски состав. Последен рок кога законот треба да биде пуштен во процедура се смета 4 февруари кога треба да почне нова седница во собранието.

Јавната расправа ќе продолжи денеска напладне, а предвидено е да заврши во 18 часот.