Македонија 31. јануари 2020. / 17:16

Захариева: Преговорите на Македонија со ЕУ не треба да зависат од новата методологија

Захариева: Преговорите на Македонија со ЕУ не треба да зависат од новата методологија

Шефицата на бугарската дипломатија, Екатерина Захариева, изјави дека новата методологија не треба да го спречува процесот на проширување на Европската Унија и почнувањето преговори за членство со Македонија и Албанија.

Захариева додаде дека за време на средба со нејзиниот турски колега, меѓу останатото, ја разгледале новата методологија за проширување на ЕУ. Захариева истакна дека за тоа прашање треба да се чека одлуката на Евроспската комисија, што ќе биде објавена на 5 февруари.

– Преговорите и одобрувањето на новата методологија не треба да бидат причина за запирање на тековните процеси, како што е започнување преговори со Северна Македонија и Албанија – истакна Захариева.

Советот во ЕУ во октомври 2019 година не донесе одлука да се почнат преговори со двете земји, поради противењето на францускиот претседател Емануел Макрон, кој ги обврза преговорите со реформа на Унијата и изработување нова методологија.

Позицијата на Париз беше осудена од повеќето земји членки на ЕУ, кои сметаат дека одложувањето на почеток на преговори со Македонија и Албанија ќе ги обесхрабри двете земји.