Треба да се обнови работата Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија меѓу Бугарија и Северна Македонија создадена со Договорот за пријателство и добрососедство, потпишан меѓу двете држави. На ова повика министерката за надворешни работи Екатерина Захариева во интервју за Нова телевизија, пренесуваат бугарските медиуми.
Комисијата вклучува историчари од двете држави, а нејзина цел беше да ги решава историските и образовните прашања. Меѓутоа, Македонија еднострано ги прекина средбите во октомври 2019 година заради претстојните избори.
-Не очекувавме дека експертската комисија ќе ја заврши работата за две седници. Но, еднострано да прекине заради избори-а таа не е составена од политичари, не го прифаќаме како аргумент, изјави Захариева.
Таа уште додаде:
-Државите не признаваат јазици и нации, а ние први сме ги признале како држава. Но, таа нација не треба да се темели на лаги и антибугарски кампањи, основата на нашиот договор е општобугарската историја.
Според Захариева, во сите европски декларации поврзани со пристапниот процес на Северна Македонија кон ЕУ има изрично повикување на договорот за добрососедство со Бугарија.