Македонија 10. ноември 2020. / 11:20

Загадувањето урива рекорди – Македонија една од најзагадените земји во светот

Загадувањето урива рекорди – Македонија една од најзагадените земји во светот

Македонија деновиве е меѓу најзагадените земји во светот, освен што земјава урива рекорди по смртност и заразени од корона вирус.

Властите се уште немаат соодветни мерки за справување со загаденоста, иако кога беа во опозиција ветуваа почист воздух.

Синоќа на неславното прво место по загаден воздух се најде Куманово, а мерните станици покажуваа висока загаденост и во Гостивар, Тетово, Струмица, Штип, Охрид и Свети Николе.

Утрово пак мерните станици покажуваат дека воздухот е најзагаден во Кавадарци, потоа следува Тетово и Кочани.

Од скопските населби најалармантно повторно беше во Кисела Вода, Автокоманда, Аеродром, каде загадувањето на воздухот беше неколку пати над дозволеното, а жителите на Ново Лисиче речиси се гушеа. Нивото на ПМ 10 честичките беше 362 милиграми на метар кубен.

Денеска, на апликација „Мој воздух“ со „опасен квалитет на воздухот“ беа одбележани Бардовци и Кучково – висока загаденост има и во Карпош, Лисиче и Центар.

Пулмолозите секојдневно алармираат. Ефектите од загадувањето на воздухот не се ограничени само на дишните патишта, туку и на сите други органи. Загадениот воздух може дополнително да ги зголеми ризиците од рак и други болести.

Скопјани се жалат дека веќе со недели возудхот има и боја и мирис. Дополнително ги загрижува и фактот што загаденоста влијае и врз клиничката слика на веќе инфицираните пациенти со корона вирус, но и го зголемува ризикот од заразување.

Инаку, на светско ниво, синоќа Македонија беше на шестото место по загаден воздух. На првите три места вчера најзагадени градови во светот беа Делхи, во Индија, Лахоре во Пакистан, на трето Колката во Индија.