Македонија 09. ноември 2018. / 13:23

Заев: Зголемениот број на спорови решени со медијација ќе ја подобри сликата на Македонија пред ЕУ

Заев: Зголемениот број на спорови решени со медијација ќе ја подобри сликата на Македонија пред ЕУ

-Развојот на медијацијата ќе ја подобри и сликата на РМ во европскиот извештај за напредок во областа на алтернативното решавање на споровите- изјави премиерот Зоран Заев на средбата со делегацијата на Комората на медијатори на РМ

Премиерот синоќа имаше средба со делегација на Комората на медијатори на РМ (КМРМ), претставувана од Славе Младеновски, претседател на Комората, и членовите Роза Алексова и Дејан Белевски.

-Изразувајќи благодарност за средбата, како и за политиките на Владата кои носат поддршка, од КМРМ истакнаа дека вклучувањето на медијацијата во Стратегијата за реформа на правосудниот систем е од исклучително значење и непосредна придобивка за граѓаните. Задоволни од досегашната соработка со Владата, особено за можноста што им е дадена како учесници во работната група на Владата да контрибуираат во измени на законската легислатива од областа на медијацијата и за другите релевантни прашања од оваа област, членовите на делегацијата на Комората на медијаторите нагласија дека се надеваат на понатамошна соработка и помош од Владата во насока на донесување и преземање одредени нормативни, логистички и оперативни решенија за промовирање и развој на медијацијата во земјата- соопштија од Владата.

Заев потенцирал дека од приближувањето на медијацијата до граѓаните, посебно до вработените во јавната администрација, се очекува поголема придобивка за целото општество, пред сè во смисла на обезбедување економичност, ефикасност и брзина во решавање на спорни ситуации, и заштеда во буџетите на граѓаните и на државата.

.