Постојано инсистирање на датум за одржување на изборите (петти или осми јули) без притоа да се обезбедат гаранции дека изборниот процес ќе ги задржи вообичаените механизми коишто треба да гарантираат демократски и кредибилни избори. Информациите што излегуваат од средбата на лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, говорат дека ваков бил настапот на Зоран Заев во разговорите со Христијан Мицкоски одржани кај претседателот Стево Пендаровски.
На тие разговори, покрај веќе познатиот став дека и покрај тоа што епидемијата секојдневно се зголемува со по стотина новозаболени треба да се излезе на гласање, Заев инсистирал на брзи избори без притоа да може да се гарантираат изборните стандарди како што се прочистен избирачки список или обезбедување присуство на набљудувачката мисија на ОБСЕ и ОДИХР. Единствено нешто за што разговарал и упорно го повторувал Заев на средбата било лицитирањето со датумот.
А, дека тоа воопшто не е наивен проблем потврди и самиот Пендаровски пред да се одржи средбата на Мицкоски и Заев, кога потврди дека не очекува дека ОБСЕ ќе има целосна набљудувачка мисија во земјава за време на изборите.
Тука има разни шпекулации во кои јас не би сакал да навлегувам колку време во време на пандемија им е потребно на ОБСЕ/ОДИХР да покријат одредена земја. Не може да очекуваме во време на светска пандемија мисијата на ОБСЕ ОДИХР да биде иста како претходните години – се наведуваше во изјавата на Пендаровски.
Проблеми околу организацијата на брзи избори најавија и од Државната изборна комисија, коишто потенцираа дека ќе направат се што е потребно за да се организираат изборите за датумот што ќе биоде одреден и дека очекуваат тоа да може да се стори на време.
Освен неопходното прочистување на избирачкиот список со луѓето во меѓувреме починале, како и на оние што наполниле 18 години, односно полнолетство, самиот процес на гласање ќе биде многу посложен и ќе бара дополнителна инфраструктруа. Како што појаснија од ДИК, тоа значи дека за многу избирачки места низ државата ќе треба да се обезбедат нови и локации во коишто ќе биде возможно да се остврата услови за почитување на заштитни мерки против ширење на заразата. Меѓу овие стандарди основна е потребата од обезбедување поголем простор за избирачките места за да се обезбеди неопходната дистанца меѓу членовите на избирачките одбори и граѓаните што ќе гласаат.
Дополнително, тука е и проблемот за тоа како ќе се изведе гласање на лицата коишто се заразени со корона вирусот или, пак, на оние што се во изолација и самоизолација, со оглед на тоа што контактот со нив бара придржување кон посебен здравствен протокол за што не секој е обучен и стручен.
Од се ова произлегува дека организирањето избори е многу посложен процес отколку кога истото се прави во нормални услови. Постојат многу дополнителни мерки и протоколи што треба да се следат за да се запази, не само зачувување на безбедноста и здравјето на сите учесници во изборниот процес, туку и основните демократски принципи на кредибилни европски избори.