Македонија 14. јануари 2021. / 11:05

Заев подготвува фалсификат попис, резултатите однапред договорени

Заев подготвува фалсификат попис, резултатите однапред договорени

Според содржината на предлог законот на попис станува очигледно дека власта се подготвува за фалсификат попис, во кој веќе на коалициско ниво се договорени процентите и застапеноста на сите етнички заедници во државата.

Владејачката СДСМ упорно го „форсира“ пописот и  планира  да го спроведе во април оваа година за кој тврди дека е важна статистичка операција за натамошен развој на држава.

Од друга страна пак, најголемата опозициска партија стои на ставот дека пописот треба да биде статистичка операција, а не политички договор помеѓу коалиционите партнери СДСМ и ДУИ, а процентите, според нив, се однапред договорени на штета на реалната слика во државата.

Власта, според опозицијата подготвува политички обременет попис, а премиерот Зоран Заев подготвува фалсификат и токму затоа ВМРО-ДПМНЕ нема да ги признае резултатите од претстојниот попис.

Поради фактот што попишувањето ќе се спроведува без покажување на документ за идентификација, ВМРО-ДПМНЕ прашува  – дали може да се случи едно лице да диктира повеќе матични броеви, без притоа да покаже соодветен доказ дека тие во моментов се резиденти односно се наоѓаат на територијата на Република Македонија?

Не е позната ниту метологијата по која ќе се попишуваат граѓаните, ниту пак е познато зошто прво ќе се усвои Законот за попис а дури потоа ќе се објави методологијата по која што ќе се попишуваат граѓаните, што е уште еден доказ дека на сила  се турка ваквата операција.

Дека со бројот на резидентното население многу лесно може да се манипулира гласно говори тоа што со пописот ќе бидат опфатени лица државјани на Македонија кои имаат живеалиште или престојувалиште во земјата, без оглед дали во моментот на пописот се наоѓаат во државата или во странство; странски државјани кои престојуваат во земјата со одобрение за престој; и лица без државјанство кои во моментот на спроведување на пописот се затекнати во Северна Македонија. За лицата – државјани на Северна Македонија кои се на привремена работа или престој во странство, податоците ги дава полнолетно лице на кого најмногу му се познати, при што го дава својот ЕМБГ и ЕМБГ на лицето за кое дава податоци во пописот.

Опозицијата стравува дека на ваков начин може да се манипулира со бројот на резидентното население.

Во предлог законот за попис кој е во собраниска процедура, не се прифати ниту еден амандман на ВМРО ДПМНЕ.

 Предлогот за попишување со помош на терминали за отчитување на отисокот од прст, е оној кој што може да гарантира навистина статистичка операција за попишување на резидентното население, кој што во овој момент се наоѓа во Македонија. А, не политичка операција каква што на сила се подготвува да спроведе владејачкото мнозинство.
Уште една небулоза беше рефлектирана од страна на власта изминатиов период. Ако ме прашате, која небулоза? Тогаш одговорот е јасен. Дека со терминалите за отчитување на отисок од прстот, ќе биле дополнително потрошени средства и тоа било дополнителен трошок. Што е, навистина, една огромна лага. Бидејќи, согласно измените во Изборниот законик, кој што ги гласаа сите политички партии, вклучително и партиите кои што се денес дел од владејачкото мнозинство, на следните локални избори, предвидено е граѓаните, своето гласачко право да го изразат токму користејќи ги овие терминали, за читање на отисок на прст. Така што, истите тие терминали можат да бидат искористени и за оваа статистичка операција наречена попис, смета лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Она што предизвикува недоверба во процесот, е законската одредба за „врзани потписи“ на директорот на Државниот завод за статистика и на неговиот заменик. Според член 17, став 3, „сите акти во врска со Пописот и за кои е утврдено директорот на Државниот завод за статистика да ги донесува согласно овој закон, пред нивното донесување, директорот на Државниот завод за статистика и заменикот на директорот на Државниот завод за статистика ги разгледуваат и заедно ги одобруваат со парафирање дека се согласни со текстот на истиот. Според став 4, „доколку актите директорот на Државниот завод за статистика ги има донесено спротивно на став (3) од овој член, се смета дека истите не произведуваат правно дејство”.

Иако на собраниската говорница ова решение беше објаснето како спречување измама на етничка основа, сомнежите се дека токму тоа може да води кон договор за „усогласување на етничките проценти”.