Во најавата за формирање на новата влада, лидерот на СДСМ, Зоран Заев напомена дека ќе ја укинуваат техничката влада.
Техничка влада се укинува, технички премиер се укинува, а на сто дена пред истекот на мандатот на владата коалиционите партнери СДСМ и ДУИ, на предлог на ДУИ, ќе го постават премиерот. Тој ќе ја води владата во последните 100 дена од редовниот мандат, рече Заев.
Оваа влада за првпат беше воспоставена на барање на СДСМ пред изборите во 2016 година кога тие беа во опозиција.
Тогаш СДСМ сметаше дека немаат фер услови за избори па затоа четирите лидери, Никола Груевски, Зоран Заев, Али Ахмети и Мендух Тачи договорија да се формира техничка или т.н Пржинска влада. Договорот беше постигнат во населбата Пржино на 2 јуни 2015 година во амбасадата на тогашниот ЕУ амбасадор Аиво Орав комесарот Хан и амбасадорот на САД Џес Бејли.
По втор пат, техничката влада се формираше на почетокот на јануари оваа година кога Заев си поднесе оставка и на негово место дојде Оливер Спасовски. Во владата влегоа министри на ВМРО-ДПМНЕ и таа трбаше да функционира до април за кога беа закажани изборите. Но, тие се одложија поради короната и оваа влада ќе функционира до формирањето на новата власт.