Македонија 15. мај 2018. / 13:08

Заев му дава отказ на Алаѓозовски, Зеќирија Ибраими ќе биде нов министер за култура

Заев му дава отказ на Алаѓозовски, Зеќирија Ибраими ќе биде нов министер за култура

По вчерашните шпекулации за влегувањето на БЕСА и ДПА во Владата на Зоран Заев, од владината коалиција информираат дека нов министер за култура, на местото на Роберт Алаѓозовски е пратеникот од БЕСА, Зеќирија Ибраими, а нов министер без ресор е Бардул Даути од ДПА. – пишува порталот А1он.

Според А1он, овие информации се очекува официјално да бидат потвредени во текот на денот.

Овие промени доаѓаат по најавите на премиерот Зоран Заев за реконструкција на Владата и проширување на парламентарното мнозинство. Тој неодамна изјави дека во актуелната Влада има место за сите парламентарни партии освен за ВМРО-ДПМНЕ.

Тетовското крило на БЕСА, предводено од Билал Касами официјално ги прекина преговорите за влез во Владата. Засега во оваа владина гарнитура влегува само крилото на БЕСА предводено од пратеникот Африм Гаши.

Изминатиот период се преговараше и за евентуално останување на Алијансата на Албанците во Владата, но тие преговори пропаднаа со што партијата на Зијадин Села дефинитивно оди во опозиција. Заев на лидерот на ДПА, Мендух Тачи и предводникот на едното крило во Беса, Африм Гаши, им ги ветил сите заменички и директорски места што ги имаше Алијансата за Албанците.