Македонија 24. ноември 2019. / 13:57

Задолжувањето не запира – СДСМ не запира со расипничкото и непродуктивно дивеење

Задолжувањето не запира – СДСМ не запира со расипничкото и непродуктивно дивеење

Од објавените податоци на Министерството за финансии се гледа дека јавниот долг продолжува да се зголемува, а притоа Македонија не добива никаков економски развоен бенефит. Заклучно со 30.09.2019 година јавниот долг на Македонија е 332.391.111.501 денари. Тоа е голема сума на пари, тоа се 332 милијарди денари, или 5.405.172.965 евра, реагираат од Комисија за финансии на ВМРО – ДПМНЕ.

За 9 месеци во 2019 година, јавниот долг скокнал за повеќе од 12 милијарди денари. Тоа се 6.000 денари долг за секој граѓанин во Македонија. Кога ќе се соберете на семејниот ручек, погледнете ги сите околу вас, секој од нив добил плус 6.000 денари долг на својот грб од страна на СДСМ за само 9 месеци. Потоа размислете во какви тешкотии се наоѓаме и колку тешко ги отплаќаме сопствените долгови, а сега ќе треба да мислиме се повеќе и за јавниот долг бидејќи СДСМ не запира со расипничкото и непродуктивно дивеење. СДСМ е апсолутен неславен победник во промашување на економските и даночните политики, а со тоа влијае катастрофално лошо да се извршува Буџетот. Капиталните инвестиции се на историско најниско ниво, едноставно не се инвестира во инфраструктурата. Поради ова остануваат нереализирани финансиски средства и логично би било да останат пари во Буџетот кога веќе не се трошат за тоа за кое се наменети. Но, тоа не е случајот! Реалноста е дека СДСМ ги троши сите средства и плус дополнително се задолжува за да продолжи со непродуктивното трошење и со безобразното уживање на владините функционери, се вели во реакцијата.

Поради промашување на развојно-инфраструктурните проекти, Македонија нема да инвестира околу 200 милиони евра од првично планираните 400 милиони евра за 2019 година. Во исто време, место задолжувањето да се намали за 200 милиони евра бидејќи толку пари останале неискористени, СДСМ продолжува со задолжување и веројатно до крајот на 2019 година ќе не задолжи сите нас за околу 300 милиони евра нов долг наспроти состојбата со јавниот долг на крај на 2018 година. Многу работи може да се направат со 300 милиони евра. Пример, можеме да изградиме автопат со по 2 ленти во правец со должина од 40 километри, можеме да изградиме 2 големи хидроцентрали или 6-7 помали, можеме да купиме нови противпожарни возила за сите општини во Македонија, можеме да изградиме целосно нов и опремен клинички центар, можеме да ја доизградиме пругата кон Бугарија, можеме да помогнеме 30.000 амбициозни млади лица со грантови од по 10.000 евра да започнат сопствени бизниси, можеме да ги субвенционираме пензиските домови за секој пензионер да може да си дозволи престој, можеме да изградиме минимум 8 големи училишта, можеме да ги обновиме скоро сите градинки во Македонија, можеме да реконструираме минимум 200 километри магистрални патишта, можеме многу работи да направиме, ама СДСМ нема ништо од ова да направи, велат од Комисија за финансии на ВМРО – ДПМНЕ.

Владата е корумпирана, не треба да очекуваме домаќинско работење од нив, заклучуваат од комисијата.