Ние од Бугарската православна црква побаравме да посредуваат околу добивањето автокефалност, а тоа ќе го побараме и од секоја друга црква ако има добра желба да помогне. Но, тоа дејство трае додека не бидеме признаени. Откако ќе бидеме признаени, сите стануваме сестри помеѓу себе и повеќе нема ниту црква мајка, ниту црква ќерка.
Ова за Лидер.мк го изјави портпаролот на Синодот на МПЦ-ОА, митрополитот Тимотеј. Лидер.мк побара одговор на прашањето дали по посетата на техничкиот премиер Оливер Спасовски и неговиот партиски лидер Зоран Заев на Цариградската Патријаршија и по неговиот коментар за тоа, МПЦ-ОА се откажува од барањето БПЦ да и биде црква мајка.
Митрополитот Тимотеј вчера изјави дека како црква очекуваат позитивни реакции и решение, поради тоа што Вселенскиот патријарх, Вартоломеј, навестува дека ќе организира средба.
– Очекуваме да бидеме повикани таму идниот месец, не знаеме со сигурност дали ќе бидат поканети претставници на Српската црква, но останува да видиме што ќе се случи и како ќе се развива решавањето на спорот во иднина, рече митрополитот Тимотеј.
Во своето соопштение, пак, Вселенската патријаршија, меѓу другото, посочи дека Вселенскиот патријарх ќе ги покани претставници на СПЦ и на МПЦ во Истанбул за понатамошни консултации околу решавањето на црковниот спор.
Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија на 9 ноември 2017 година одлучи да ја препознае и да ја признае Бугарската православна црква – Бугарска Патријаршија како црква-мајка. Писмото што МПЦ тогаш го испрати до Синодот на БПЦ прво беше објавено во емисијата „Вера и општество“ на Бугарската национална телевизија (БНТ).
Во вториот став од писмото стоеше:
– Македонската православна црква – Охридска архиепископија ќе ја препознае и признае Бугарската православна црква – Бугарска Патријаршија како Мајка Црква, која прва ја прифаќа и признава нејзината автокефалност, истата ја обзнанува и актуелизира, претставува и се застапува за неа пред Вселенската патријаршија и пред другите Помесни цркви.
Меѓутоа, наспроти очекувањата, барањето на МПЦ-ОА не доби чисто позитивен одговор од БПЦ, пред се, поради стравување од реакциите на останатите православни цркви. Но, тоа не значи и дека треба да се заборави на писмото и на барањето.