Заболените од Ковид-19 од денеска ќе се лекуваат со крвна плазма, како и со примена на озонотерапија во болницата „8 Септември“. За денеска е закажана првата екстракција на плазма која ќе се користи за третман на овие пациенти на Институтот за трансфузиона медицина.
Озонирањето на крвта е метода што се користи за третманот пред сè за најтешките пациенти. Станува збор за метода, со која се озонира една одредена количина на крвта која се вади и потоа таа се враќа во неговата циркулација.
Има публикации и искуства од други земји, и врз основа на тие искуства тимот на анестезиолози од болницата „8 Септември“ направил детална анализа на навистина обемна литература и заклучил дека вреди да се направи обид и оваа терапевтска мерка да се аплицира кај овие пациенти.
Во текот на вчерашниот ден беа регистрирани четири нови смртни случаи од епидемијата.
На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби починаа 58-годишна пациентка од тетовско Желино, примена на Клиниката на 21 април со тешка форма на болеста и 81-годишна пациентка од Куманово, лекувана на клиниката од 15 април. Двете пациентки имале и висок крвен притисок.
Во болницата „8 Септември“ почина 47-годишен пациент од Куманово, примен на болничко лекување на 3 април во тешка состојба и долго време приклучен на респираторна машина. Почина и 66-годишен пациент од Битола, кој во тешка општа состојба, со срцева слабост и цироза се лекуваше во Клиничката болница во градот.
Вкупната бројка на дијагностицирани со Ковид-19 во нашата земја досега изнесува 1.399 лица, а активни се 781.
На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби хоспитализирани се вкупно 61 од кои 18 се со потешка клиничка слика и на кислородна поддршка, а пет пациенти се на механичка вентилација. Во ГОБ „8 Септември“ вкупно се хоспитализирани 32. На респираторна машина се седум пациенти, а четири се со потешка клиничка слика.
Во Клиничката болница во Битола се хоспитализирани седум лица, а се следат вкупно осум пациенти во домашно лекување, додека во Клиничката болница во Штип се лекуваат двајца пациенти, а се следат уште девет. На инфективните одделенија во болниците во Куманово, Велес и Прилеп се хоспитализирани 50 пациенти, потврдени и сомнителни на Ковид-19.