Македонија 22. мај 2020. / 11:47

За ВМРО место со Груевски, Каракачанов се искара со Петар Богојески!?

За ВМРО место со Груевски, Каракачанов се искара со Петар Богојески!?

ВМРО била и секогаш ќе биде најбугарската кауза! Со овие зборови бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов заврши еден свој неодамнешен пост на „Фејсбук“ во кој, меѓу другото, го предизвика поранешниот премиер Никола Груевски на историски двобој. Притоа, обвинувајќи го дека му го украл ВМРО и изразувајќи подготвеност ако има потреба да замине и во Будимпешта.

Каракачанов не потенцираше на кое ВМРО мисли. Но, наместо со Груевски, за ВМРО, Каракачанов се искара со Петар Богојески, екс реформатор на ВМРО-ДПМНЕ и актуелен промотор на „Македонски концепт“.

Фактор.бг пренесува жестоко или „крваво“ отворено писмо на Богојески до Каракачанов на кое се уште нема одговор. Но, интересно е што му пишува Богојески на Каракачанов во светлината на македонско-бугарските односи.

„Г-н Каракачанов, решението на т.н. македоно-бугарски спор ни е пред очи. Прво нешто треба да се направи е некои луѓе во Софија да се помират со фактот дека Македонија, македонската држава, е реалност. Тоа Бугарија никогаш не може да го промени и во иднина, без оглед кој е на власт во вашата држава! Затоа Ве молам, престанете со клишеата дека први сте ја признале независната на нашата држава. Тоа веќе се доведува во прашање од самиот факт дека инсистирате на раздвојување меѓу (историското) ВМРО и *државата) Македонија! Тоа, господине не може да се случи. Никогаш! Тоа е како да ги разделите душата и телото! Ако тоа се случи, ќе има смрт, а не живот и братство за кои вие говорите! Време е да започнеме процедура за заштита на името ВМРО од злоупотреби со политички цели во нашите две држави!

Иднината на Македонија се темели на идеалот на ВМРО и на Илинден и тоа не може да се промени! Г-н министер, јас сум од Крушево, Македонија, и ВМРО природно се раѓа во нашите семејства! Вие сте од Русе, од Мизија, и чувството за Организацијата таму е едноставно далечно ехо! Болшевичката теза за 1945 година ,,не ни минува“! Колку и да се обидувате, нема да помине!

Во текот на 1944 година прво прогласивме независна демократска Македонија, а потоа се стигна до Социјалистичка Федеративна Република! Никогаш нема да прифатиме дека државноста на Македонија е изградена врз „болшевичка“ основа. Со тие тврдења вие ја уривате македонската државност, тако што заборавете на приказната дека вие први сте ја признале!

Кога ќе го прифатите тоа (државотворната концепција на историското ВМРО), кога ќе ја погледнете македонската реалност во очи, тогаш за се друго ќе се разбереме. Од сите нас зависи дали ВМРО ќе биде камен на сопнување или мост. Размислете внимателно за тоа што Ви го кажувам! Навистина длабоко размислете! Нема да правиме компромиси со својата државност! Ниту со европеизацијата на Македонија и на целиот Балкан“!