Македонија 13. септември 2019. / 15:04

За утре закажана седницата за разрешување на Катица Јанева

За утре закажана седницата за разрешување на Катица Јанева

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, за утре ја закажа седницата за разрешување на Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева.

Мандатот како специјална обвинителка на Јанева и завршува на 15 септември. Таа моментno е осомничена во случајот „Рекет“ и се наоѓа во притвор во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари.

Јанева од притвор потпиша решение предметите кои ги води СЈО да бидат префрлени во Јавното обвинителство. Од утринава започна процесот за преземање на предметите од едно во друго обвинителство.

Јавниот обвинител Љубомир Јовески истакна дека нема пречка „бомбите“ и понатаму да бидат доказ во истрагите на СЈО.

Тој исто така појасни дека предметите по преземањето ќе бидат распоредени по обвинителства и по обвинители, а дотогаш предметите кои се во фаза на судење остануваат кај обвинителите од СЈО.

Приоритет ќе имаат предметите што се во фаза на судење, рече Јовески.

Во поглед на обвинителите во СЈО, како што појасни јавниот обвинител, Советот на јавни обвинители ќе ги врати во обвинителствата од каде што дошле.