Македонија 29. декември 2018. / 18:24

За Груевски судот не работеше за викенд, за Мијалков работи!

За Груевски судот не работеше за викенд, за Мијалков работи!

Познатиот новинар на ТВ ТЕЛМА, Огнен Чанчаревиќ, забележува дека во деновите кога екс-премиерот Никола Груевски побегна од Македонија, тврдењата на власта беа дека судот не работи за викенд, па не биле во можност да му ја врачат поканата за да се појави на издржување на затворската казна во затворот во Идризово.

Но, викендов очигледно судот работи, па попладнево беше донесена одлука дека од оделението за притвор во Шутка ќе биде ослободен екс-директорот на УБК Сашо Мијалков, кој од таму најверојатно ќе се упати во куќен притвор.

-За Груевски судот не работеше преку викенд, за Мијалков работи. И СЈО исто.

П.С. Го тргнавте од ѕид “Во Будимпешта е убаво ама во Шутка е екипата” ?- пишува Чанчаревиќ на негиовиот профил.

Ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков вечерва излегува од затворот во Шуто Оризари, каде беше во притвор како осомничен за случајот „Империја“ на специјалното јавно обвинителство. Судијката Весна Димишкова го прифатила предлогот за куќен притвор на СЈО.

Кривичниот суд вчера го врати на доработка предлогот на СЈО на доуредување бидејќи истиот бил некомплетен.

Мијалков е последниот од случајот „Империја“ што излегува од притвор. Со одлуките на скопска Апелација сите други осомничени излегоа од притвор. Според шпекулациите на јавноста, тој наместо во неговиот дом, во куќен притвор ќе биде во хотелот „Мериот“, каде што неговото потесно семејство е сопственик. Како што дознаваме, Мијалков си ја променил адресата на живеење во овој луксузен хотел, кој покрај огромни соби има и фитнес центар, ресторани, барови и кафетерија.

Во предметот „Империја“ истрагата опфати 13 лица. Првично притвор им беше определен на бизнисменот Јордан Камчев, неговите соработници Ненад Јосифовиќ и Зорица Арсовска, директорот на „Пелагонија“, Цветан Панделески, и директорот на фирмата „Ексико“, Тодор Мирчевски.