Портпаролот на опозицијската ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, најостро го осуди нападот врз академик Илија Чашуле и побара сторителите веднаш да бидат пронајдени.
Тој потенцираше дека неказнивоста којашто постои само повеќе ги стимулира луѓето да вршат напади, а вакви еминентни личности да бидат предмет на напад.
-Не сакам ни да помислам дека е вистина, но сите факти укажуваат на истото, а тоа е дека ова можеби е порака од власта до господинот Чашуле заради она дека МАНУ одби да ја внесе северна во својата институција. Затоа сакам најостро да ги осудам нападите врз господинот Илија Чашуле, сторителите веднаш да бидат најдени. Бидејќи ако отсекаде се говори и се слуша дека оваа порака му е пратена од власта, многу лесно власта ќе може да ги најде сторителите и веднаш тие да се најдат зад решетки. Доволно е самоволие, доволно е сеење страв и доволно е тепање на луѓе низ улиците, особено на вакви еминентни лица од општеството и државата како господинот Илија Чашуле, изјави портпаролот Арсовски.
Во име на партијата ВМРО-ДПМНЕ тој го осуди насилството и повика веднаш да бидат најдени сторителите, а вклучително како морален чин на одговорност и Оливер Спасовски и Зоран Заев да си поднесат оставки.
Професорот Илија Чашуле на Фејсбук објави дека бил следен од тројца мажи кои му го попречувале патот кога се враќал од Прилеп, а кога стасал во Скопје на неколку метри пред својот дом бил брутално претепан.
Академик Чашуле отворено застана против промената на името на МАНУ. Тој одамна најави повлекување од Македонската Академија на науките и уметностите, ако според договорот со Грција биде преименувана во Академија на Северна Македонија.