Македонија 12. јули 2018. / 16:16

Вработени во второстепена комисија два месеца не зеле плата – натрупани 442 жалби

Вработени во второстепена комисија два месеца не зеле плата – натрупани 442 жалби

Вработените во Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка два месеца не зеле плата, тврдат од оваа институција во писмо што утринава го испратија до медиумите, објави Канал5.

Во писмото што е испратена од официјалната емаил адреса на Комисијата меѓу другото пишува дека работата на овој државен орган е во целосен застој бидејќи од март не е избран нов состав на Комисијата и не е определен законски потписник на плата.

За разрешувње на овој проблем од Комисијата два пати испратиле писмо до претседателот на Собранието Талат Џафери и генералната секретарка Цветанка Иванова, но не добиле одговор.

Од таму велат дека очекуваат одговор од Џафери за пет дена, по што како што наведуваат ќе преземат следни чекори за остварување на нивните права.

„Најголем број од вработените имаат кредитни обврски спрема банките и застојот во исплатата на платата ќе се одрази врз нивната економска состојба. Исто така не може да се оствари и правото на лекување и земање на лекови од аптеките на сметка на Фондот за здравствено осигурување, што предизвикува дополнителен трошок и проблем за сите вработени. Поголем дел од вработените секојдневно патуваат од Гостивар, Кочани, Тетово, Куманово, Илинден и во случај да не им се исплаќа редовно плата нема да бидат во можност да го финансираат својот превоз до Скопје и назад“, пишува во писмото испратено до Собранието на Република Македонија.

Државната комисија според законот со кој е основана е надлежна за решавање по жалби против решенија донесени во прв степен во инспекциска постапка и по жалби против одлуките за прекршок што се донесени од страна на прекршочните органи. Комисија има стручна служба вкупно 28 работници.

Од таму велат дека почнувајќи од 19.март до сега во Комисијата се примени 442 жалби и 284 предмети од судот за кои Комисијата е должна да постапи во законскиот рок, додека непреземањето на одредени дејствија во постапките може да повелече и одговорност.