Македонија 19. март 2020. / 09:27

Вонредна состојба во државата – апели да не се патува и да се остане дома

Вонредна состојба во државата – апели да не се патува и да се остане дома

Земјава е во вонредна состојба – прв пат од нејзиното осамостојување. Одлуката беше донесена вчера заради поефикасно справување со корона вирусот. Ја прогласи претседателот Стево Пендаровски. Рече дека ни претстојат тешки денови и дека сите, институциите, политичарите, стопанството и граѓаните, мора да бидат подеднакво одговорни, секој во својот домен.

Вонредната состојба ќе трае 30 дена. Во овој период Владата ќе продолжи да функционира како техничка и ќе има зголемени надлежности. Ќе може да ги користи сите ресурси, и државни и приватни, за поуспешно справување со епидемијата.

Властите апелирааат сите граѓани да се придржуваат до мерките за превенција од ширење на корона вирусот, да не се патува без особена потреба и да се остане дома. За секој што не ги почитува препораките, ќе има сериозни санкции.

Бројот на потврдени случаи на заболени со коронавирус изнесува 42, откако вчера беа регистрирани 11 нови случаи. Состојбата на сите пациенти е стабилна. Двајца од заболените имаат средно изразена пневмонија.

Министерот за здравство Венко Филипче  посочи дека здравствениот систем и целокупниот медицински персонал веќе подолго време работат како во вонредни услови. Тој уште еднаш упати апел и ги повика сите да се придржуваат до мерките за превенција, да не се излегува без потреба, да се држи дистанца и често да се мијат рацете.

Техничкиот премиер Оливер Спасовски најави интензивни контроли за да се заштити здравјето на граѓаните. За секој што не ги почитува препораките и потпишаните изјави за самоизолација, ќе има сериозни санкции, не само парични, туку и затворски, рече  Спасовски вчера попладне.

Повеќе несовесни граѓани од Куманово, Кавадарци, Струмица, Валандово, Кичево и Гостивар ќе добијат казни за непочитување на определените мерки за задолжителна самоизолација со цел сузбивање и спречување на ширење на Ковид 19.

Тие се соочуваат со парични казни во висина од 50 до 100 дневни глоби. Лицата при влез во земјава од некоја од земјите кои се на ризична листа потпишале изјава за самоизолација, но при проверка од полициски службеници не биле затекнати во своите домови.

МНР ги повика сите наши државјани кои се затекнати во странство да се пријават во најблиското дипломатско претставништво за помош за враќање назад. Истовремено, се прави и список на сите наши граѓани кои се затечени на граничните премини, а организирано или поединечно се упатуваат и враќаат назад.

При вонредни услови продолжуваат да работат маркетите за храна, аптеките, транспортот и банкарскиот сектор, додека културните и образовни институции изнајдоа повеќе креативни решенија за пополнување на времето на граѓаните преку онлајн курсеви, обуки и претстави.