Македонија 09. ноември 2020. / 18:39

Војската постави шатори за дневна ковид болница во Куманово

Војската постави шатори за дневна ковид болница во Куманово

Припадници на армијата поставија шатори во дворот на Клиниката за инфективни болести во Куманово.

Во дворот на Кумановската болница денеска беа поставени војнички шатори за болните од коронавирус, бидејќи двете ковид одделенија не можат да одговорат на зголемениот наплив на пациенти.

Во моментов, на двете одделенија се сместени седумдесетина пациенти, на Инфективното 45 и во вториот Ковид-центар на Невролошкото 25 пациенти, а секој момент се бара кревет повеќе.

-Со поставување на шаторите се прави обид да се обезбеди уште некое легло повеќе. Амбулантата на Инфективното одделение е оптоварена со пациенти коишто треба да бидат прегледани и кои доаѓаат на терапија во дневната болница. На ваков начин, ќе обезбедиме услови пациентите кои се прегледани да бидат таму примени од лекар, а со тоа ќе ја растеретиме амбулантата која во овој момент е тесно грло и не може да ги прими сите пациенти кои што бараат помош, вели инфектологот д-р Јосифовска.

Покрај од Куманово, Липково и Старо Нагоричане, во Општата болница се лекуваат и пациенти инфицирани од ковид-19 од Крива Паланка, Кратово и Ранковце, додека Ковид-центарот и болничките одделенија во Здравствениот дом во Крива Паланка стои затворен.

Вчера во Куманово имаше 58 новозаразени од ковид-19, а во моментов актвни се 689.